Командите за упадот доаѓале од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ


Во уште едно шокантно сведочење на процесот за 27 април вчера беше обелоденето дека штабот на целата операција бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и дека упадот во Собранието бил добро осмислен со вклучување многу структури од Министерството за внатрешни работи. Александар Василевски-Нинџа, кој за време на владеењето на ВМРО–ДПМНЕ беше главен заштитен лик во скопското подземје, во својата одбрана пред судот обелодени кој командувал со крвавото сценарио.

Главните команди, сведочеше смирено Василевски, доаѓале од осмиот кат во белата палата, односно од партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, а Нинџа добивал задачи директно од УБК и од тогашниот шеф на Петтата управа, Горан Грујевски, а потоа од неговиот заменик Никола Бошкоски, кои сега се во бегство во Грција.

Кои функционери ги давале наредбите

Дента на 27 април кога Нинџа дознал оти СДСМ планира да избира претседател на Собранието, тој добил повик од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Тој му рекол на Нинџа да отиде во „базата“, а нивната база била хотелот „Мериот“ и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Нинџа не отишол во хотелот „Мериот“ туку десетина минути по 18 часот стигнал во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во белата палата не бил Мијалков, но на осмиот кат биле собрани луѓе од, како што го нарече Нинџа, парамилитарниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, односно командно-оперативниот штаб на партијата. Дел од поранешните високи функционери на партијата по телефон делеле команди. Поранешната заменик-министерка за правда Билјана Бришкоска-Бошковска била на телефонска линија со тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој за време на упадот бил во својот кабинет во Собрание.

Бришкоска била разочарано бидејќи пратениците не си ја завршиле работата, односно не се степале и не предизвикале инцидент, како што било планирано, па му рекла на Вељаноски да се отворат вратите во Собрание. Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески контактирал со пратениците, а неговиот колега Спиро Ристовски бил на линија со водачот од иницијативата „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски. Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кој според сведочењето на Нинџа бил благајник, односно кај него биле сите пари на партијата, се јавувал и ги мобилизирал сите општински комитети да дојдат во Скопје по директива на партијата.

Во партија бил и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, кој им давал насоки на Митко Пешов, еден од раководителите со оперативната акција „Платформа“ и на Ивица Вучевски, тогашен началник на СВР-Скопје, пасивно да дејствуваат. Со ова се потврдува дека полицајците имале наредба да стојат и немо да го набљудуваат насилството што се случуваше во Собрание пред очите на целата македонска јавност. Чавков го следеше сведочењето на Нинџа од обвинителна клупа и запишуваше сè што зборува, па и тоа дека бил исплашен.

Василевски наведе дека меѓу присутните во салата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што доаѓале командите, бил и Борис Јосифовски, генерален секретар на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој тврдел дека во секој момент ќе биде прогласена воена состојба. Таму бил и тогашниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, кој од притвор беше донесен во судот да сведочи, но не се сеќаваше на ништо што се случило.

Од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Нинџа се упатил во паркот „Жена-борец“ спроти Собранието и дознал дека командата во Собрание ја презел некој друг. Грујевски го известил дека нема да биде прогласена воена состојба поради странски притисок врз претседателот. Откако интервенирала полицијата, Нинџа сведочеше дека хард-дисковите од безбедносните камери од Собранието ги одзел со хируршки ракавици Сашо Марковски, вработен во УБК, кој е еден од обвинетите и за кого се води одвоена постапка. Овие хард-дискови биле уништени на преса во прикриена база на УБК, која се наоѓала кај Клиничкиот центар. Сашо Марковски ги исекол цедињата од хард-дисковите на парчиња. Овие уништени материјали тогашниот началник на Петтата управа ги фрлил во Вардар.

Нинџа тврди дека не го знаел сценариото

Иако двајцата браќа сведочеа пред судот дека планот за ова крваво сценарио го знаеле уште во февруари, Нинџа пред судот тврдеше дека за сценариото знаеле само дел од присутните, никој не го очекувал она што се случи на 27 април во Собрание и дека не очекувал дека некој има мозок да смисли такво нешто. „Сите тука сме искористени од службата на Управата за безбедност и контраразузнавање и дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е мој став. Јас мислам дека тоа се случи поради формирањето на Специјалното јавно обвинителство кое почна да отвора истраги против функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Беше потребен ваков настан за да се пренасочи вниманието од овие истраги“, рече Василевски.

Нинџа сакаше да создаде впечаток пред јавноста дека партијата во нивната свест им врежала мислење дека мора да го бранат уставниот поредок на татковината.

Тој како агент од УБК имал задача да ги следи протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ за кои сведочеше дека ги организирале Спиро Ристовски и Кирил Божиновски. Според неговото сведочење, 80 отсто од луѓето што се собирале на протестите биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, а 20 отсто биле обични граѓани. Водачите на движењето, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски, кои пред судот и јавноста сакаа да докажат дека се големи патриоти ги разобличи и обелодени дека биле контролирани и плаќани од ВМРО-ДПМНЕ. Богдан Илиевски и Владо Јовановски во вкрстено испрашување на Нинџа се обидоа да докажат дека тој лично не ги видел во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека добил само оперативни сознанија дека оделе во штабот, но Нинџа ги демантираше: „Лично јас ве имам видено како излегувате од канцеларијата на Кирил Божиновски“.

Освен прекарот Нинџа, Александар Василевски, кој себеси се опишува како дете од улицата, имал уште еден прекар – Самурај. Овој прекар му го дал поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски во 2015 година заради распознавање во Управата. Тој од тогаш почнал да добива задачи од одделот за оперативно-технички или прикриени операции и иако не бил вработен таму имал значка, пиштол и радиостаница и ја следел целата комуникација на цивилната и тајната полиција. Од него бил лично ангажиран да собира информации за одредени цели и да му ги дава нему. Не можеле да го вработат во Управата за безбедност легално, бидејќи немал завршено средно образование, туку само три години во средното училиште „Коце Металец“.

Ваквите задачи ги добивал во екот на политичката криза кога тогашната опозиција почна да ги објавува „бомбите“. Во 2016 година кога Грујевски бил сменет од началничката позиција, останал да ја раководи управата во сенка, а Нинџа бил неговите очи и уши. На местото на Грујевски дошол тогашниот негов заменик Никола Бошкоски. Нинџа сведочеше дека неколку години бил следен сегашниот премиер Зоран Заев, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и откри дека имало вградено камери и во домот на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ подоцна обелодени дека ова сведочење Нинџа го дал и во јуни оваа година пред обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

По отворањето на истрагата и обвинението против него, Нинџа избега, но по неколку месеци сам се пријави во судот. Тврди дека бил под притисок, а неговиот поранешен шеф Грујевски го убедувал дека не смее да се предаде бидејќи тој е „мостот“. Неговиот адвокат тврди дека ова сведочење Нинџа не го дава за да излезе од притвор туку за да се дознае вистината за овој настан.

Дел од личностите кои ги спомена Нинџа, а ги давале командите за крвавиот четврток, не се дел од обвинението. Но обвинителката Русковска води уште една предистрага против организаторите и нарачателите за 27 април. Доказите на обвинителството засега не ја насочуваат истрагата кон кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

 

Поранешниот директор на УБК не знаел каде бил на 27 април

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски, кој од притвор беше донесен да сведочи во судот како сведок на Нинџа, тврдеше дека на 27 април околу 18 часот бил на ракомет и не можеше да се сети што точно се случувало. Неговото сведочење беше конфузно. Но, наспроти неговиот исказ, другиот сведок на Нинџа, Веле Петрушевски-Бикот рече дека Атанасовски го видел во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Господине Атанасовски, директор на УБК сте биле тогаш, не знаете кај сте биле за настаните на 27 април. Владо, ех моја чудесна Македонијо!“, се сврте Кацарска зачудена кон обвинетиот актер Владо Јовановски, кој ги водеше телевизиските спотови за Македонија со истата реплика.

Тој стана, ги рашири рацете и го гестикулираше својот познат настап извикувајќи од место: „Ех, моја чудесна Македонијо!“, на што сите се изнасмеаја, а Атанасовски си продолжи во истиот стил, дека ништо не знае.

Тој рече дека за влегувањето во Собрание видел од медиумите. На прашање на Кацарска, одговори дека во салата ги познава Крсто Мукоски, Митко Чавков, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Игор Дурловски.

По него, сведочеше Владимир Петрушевски, пријател на Нинџа. Тој го префрлил со автомобил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и го чекал додека Нинџа бил на осмиот кат, среде паравоениот партиски штаб на чело со Митко Чавков, како што кажа претходно и Нинџа. И тој потврди дека таму го видел ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој неколку минути пред него тврдеше дека тоа време бил тргнат за на ракомет, односно дека не се сеќава точно кај бил. Петрушевски ја потврди целата изјава на Василевски.

Пред судот сведочеше и братот на обвинетиот Александар Василевски, Благоја Василевски кој потврди дека на 27 април минатата година телефонски разговарале за здравјето на нивната мајка.

„На 27 април минатата година во бев во Виена, на службено патување. Имав краток семеен разговор со Нинџа, за здравјето на нашата мајка“, рече сведокот.

Прашањето од обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, дали од него на 27 април примил СМС-порака, не беше дозволено по приговор од обвинителството дека е наведувачко.

Фросина Факова-Серафиновиќ