Колку гласачи на ВМРО-ДПМНЕ ќе излезат на референдумот?


ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека договорот за името со Грција е штетен за македонските интереси и нема да го поддржи. Оваа порака во изминатите 24 часа им е повторена и на Кристијан Хелбах, специјален координатор за Западен Балкан во германското МНР и на Ендрју Пејџ, директор на Директоратот за Западен Балкан и Турција во МНР на Велика Британија. Високите дипломати од двете најмоќни европски земји го посетија белиот дворец во пресрет на референдумот на 30 септември уверувајќи се во позициите на најголемата опозициска партија во земјава. Во ВМРО-ДПМНЕ им рекле дека стратегиска определба на нивната партија е интеграција во НАТО и во ЕУ, но оти преку спогодбата од Преспа не можат да преминат.

Сепак, последните две посети на странските дипломати се толкуваат како пријателско советување дека бојкот на референдумското изјаснување не е опција. Во најскоро време се очекува и официјалната потврда од партијата на Христијан Мицкоски дека ќе ги повикаат своите членови, симпатизери и поддржувачи самите да решат дали и како ќе гласаат на 30 септември.

Но прашање е што ќе значи тоа на терен. Во политичките кругови наголемо се шпекулира дека новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ дало ветување пред странските амбасадори во Скопје дека ќе се потрудат на гласачките кутии да донесат што е можно поголем број приврзаници, па макар и гласале против договорот, со цел да се помогне во исполнување на цензусот и потребната излезеност од 903.000 гласачи. Според тие шпекулации, за возврат ќе биде прогласена амнестија или ќе се изнајде друг начин некои од поранешните функционери да не одат во затвор по предметите од Специјалното јавно обвинителство. Од ВМРО-ДПМНЕ децидно негираат дека имало каков било договор со меѓународните партнери или со владата на Зоран Заев укажувајќи оти, доколку било така, ќе ја поддржеле спогодбата или би повикале да се гласа против за да му дадат легимитет на референдумското изјаснување. Има и друга теорија според која, и да не биде обезбеден цензус, а значителен број од излезените граѓани да го поддржат новото име, дел од пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ би дигнале рака за уставните промени што се неопходни за ратификација на договорот. За таков расплет, на владејачкото мнозинство им требаат уште осум пратеници од спротивниот табор. Во ВМРО-ДПМНЕ признаваат дека е можно некои од нивните пратеници да се под силен притисок од власта, која по принципот „со добро или лошо“ се обидува да ги преземе во својот двор.

Сите овие калкулации ќе добиваат на гласност како што ќе се наближува референдумот и ќе биде интересно да се следи нивниот расплет. Во сферата на калкулациите е и прашањето колку од вмровското членство во моментов е расположено да излезе и да гласа.

Според калкулациите, не повеќе од 20 проценти од луѓето што традиционално гласаат за ВМРО-ДПМНЕ би излегле да гласаат за референдумот за името, додека останатото огромно мнозинство ќе го бојкотираат. Ако ВМРО вообичаено на изборите добива околу 400.000 гласови, во конкретниот случај зборуваме за максимум 80.000 гласачи за референдумот. Сметам дека нивниот сооднос би бил 50 проценти ‘за’ и 50 проценти ‘против’ договорот. Меѓу тие што ќе гласат за договорот не се само реформаторите, кои се занемарлива бројка и немаат никакво влијание во партијата, туку оние поддржувачи што не се класични вмровци, туку кои во изминатите години биле на функции во државните институции, кои во ВМРО дошле од други партии и кои воопшто не ја разбираат идеологијата на ВМРО. Кај тие што се против препознавам лица што се малку подесно од центарот, значи луѓе што се апсолутно против СДСМ и би сакале да паднат од власт, ама не се ниту нешто посебно вмровци“, анализира професорот Јове Кекеновски, кој е дел од фракционерското крило на партијата.

Тој вели дека одлуката на раководството да не им сугерира на своите поддржувачи дали и како да гласаат е единствената логична што можеле да ја донесат, имајќи ја предвид ситуацијата во партијата, но, сепак, според неговите информации, одредени месни комитети ќе агитираат на терен за бојкот на референдумот.

Горан Адамовски