Катица само се заканува или држи ас во ракавот


Ниту вчера не стивна бурата по најновите истраги што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, а во кои се најдоа поранешни и актуелни кадри на ВМРО-ДПМНЕ, но и вицепремиерот Бујар Османи. Премиерот Зоран Заев и владата велат дека никој не е виновен додека не се докажат сомневањата, Зијадин Села побара итна смена на вицепремиерот, а самиот Османи порача оти лично инсистирал да се покрене истрага, имајќи ги предвид долгогодишните шпекулации за проневера во Министерството за здравство додека тој беше министер.

Самото негово спомнување во случаи што ги води СЈО отвори дилема зошто токму сега се „валка“ неговото име, кога земјава се мачи да го заврши болниот процес за името, а тој, меѓу другото, е задолжен за преговорите за членство во Европската Унија. Бујар Османи е единствениот член на актуелната влада кој беше дел и од минатата, а сите други истурени кадри на ДУИ немаат врска со владеењето на Никола Груевски. Во владата, пак, потенцираат дека не се мешаат во работата на СЈО и оти пред законот сите се еднакви. Валон Беља, поставен како економски директор во Клиниката за гинекологија како кадар на ДУИ, ги разбранува албанските кругови со оценката дека Османи доби „сопка“ за да не се искачи до врвот на партијата, односно да не го наследи Али Ахмети.

Јанушев: Ова е политички прогон

СЈО во моментов може да покренува истраги, но не и да поднесува обвиненија, барем додека не му се смени статусот, а за тоа треба 80 гласа во парламентот што власта ги нема, а од ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да слушнат за продолжување на мандатот на ова Обвинителство кое произлезе од пржинскиот договор. Сепак, самото споменување од страна на СЈО влева паника кај прозваните, поради што се јавија толкувања дека не случајно е одбран овој тајминг, кога треба да се гласа за уставните измени.

Во нотесот на Катица Јанева се најде и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески кој, иако го има во „половина од бомбите“, досега не беше поврзуван со ниту еден предмет. Од тие причини, одлично котираше во внатрепартиските анкети на ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател на државата, каде што беше на второто место, зад професорот Трајко Славевски. Се обидовме вчера да го контактираме телефонски, но не одговараше ниту на повиците ниту на пораките. Се шпекулира дека е во Вашингтон, каде што живее и работи. Слушајќи ги снимените разговори, јавноста го доживеа како најразумен од целата поранешна владејачка елита.

За СЈО е спорна и набавката на двокатните градски автобуси од Кина, при што мета е Игор Јанушев, тогашен директор на ЈСП, а сегашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека станува збор за политички притисок и прогон што го приредува власта, како и начин да се прикријат реалните афери и криминали на актуелната власт, според него полнење кутии и криминал за време на референдумот, криминални милионски иновации, тендери во четири очи во здравството, тендерите од 650.000 евра за цвеќиња или од 1.5 милиони евра за лубриканти…

Марјан Цветковски, кој е директор на Македонската телевизија, е осомничен дека бил во тимот за пропаганда на Груевски. Тој вчераутро гордо се сликаше со амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, кој присуствуваше на почетокот од снимањето на третата сезона од ситкомот „Преспав“. Цветковски најави дека серијата што ќе се емитува на националниот сервис ќе ја збогати програмата, но и оти МТВ ќе креира слични проекти.

Лани во јуни истече рокот за обвиненија

На 30 јуни 2017 година истече рокот од 18 месеци во кој СЈО можеше да поднесе обвиненија за прислушуваните разговори што ги презеде од СДСМ. И во последниот шестмесечен извештај за работата на ова обвинителство, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара надлежните институции да го инкорпорираат СЈО во рамките на Јавното обвинителство, но како самостојна институција која ќе може до крај да ги истражи кривичните дела што произлегуваат од прислушуваните разговори. И покрај ветувањата на власта дека ќе го реши статусот на СЈО со правосудните реформи, поддршката за неговата работа остана само декларативна. Уште повеќе, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, во екот на политичката криза побара да се избере ново јавно обвинителство со консензус на сите партии што ќе го замени СЈО и ќе ги доистражи прислушуваните разговори.

Во законот за СЈО, спорен е членот 22 кој предвидува дека јавниот обвинител може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. Токму овој член го ограничува СЈО да покрене обвиненија за истраги што се веќе завршени. Обвиненија може да се очекуваат за предметите „Попис“, „Актор“, „МПМ“ бидејќи овие предмети подоцна се преземени од Основното јавно обвинителство.

Истрагата за пропаднатиот попис СЈО ја започна во март годинава, а главни осомничени се поранешните коалициски партнери Али Ахмети и Никола Груевски. Двајцата се товарат дека како претседатели на политички партии се договориле да го стопираат пописот на населението за да ги скријат фактите за демографската структура на населението.

Обвинение може да биде покренато и против првите луѓе на МПМ, компанијата во чија сопственост беа трите весници кои пропаднаа – „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“. СЈО ја презеде надлежноста за овој случај од редовното обвинителство во јули годинава. Срѓан Kерим и Јана Станисављева се осомничени за економски криминал и се истражува наводната финансиска криза поради која згаснаа весниците.

Годинава беше преземен случајот „Актор“, кој пет години беше во Јавното обвинителство. За овој случај се осомничени десет физички и четири правни лица, меѓу кои и поранешниот премиер Груевски и Јанакиески за злоупотреби при доделување на тендерот за изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица. Финиширана е и истрагата за случајот „Моќник“, предмет во кој е осомничен пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, но обвинение не може да биде поднесено бидејќи рокот е поминат.

Катица Јанева беше именувана на чело на Обвинителството на 16 септември 2015 година, а нејзе мандатот ѝ завршува на 16 септември идната година, односно за речиси една година. Законот за СЈО ќе биде во сила пет години и може да се продолжува по една година, со одлука донесена со двотретинско мнозинство од пратениците.

Функционерите од поранешната власт, кои се обвинети во случаите што ги отвори СЈО од „бомбите“, секојдневно се во судниците, но само неколку пресуди против нив се правосилни. Правосилно осудени на затворска казна се поранешниот премиер Никола Груевски, кој сè уште не почна со издржувањето на казната, поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, новинарката Ивона Талевска е осудена условно и уште неколку пресуди кои беа изречени врз основа на признание на вина. Другите процеси сè уште течат.

Горан Адамовски

Фросина Факова-Серафиновиќ