Капиталните инвестиции крахираа


Во изминатите единаесет месеци едвај се реализирани половина од капиталните инвестиции. Според податоците од Министерството за финансии, Владата потрошила само 225 милиони евра или само 58,4 отсто од вкупно планираната сума за оваа година. Потфрлувањето е уште поголемо ако се земе предвид дека со ребалансот на буџетот веќе еднаш се скратија парите за капитални инвестиции за околу 50 милиони евра.
Ваквите бројки во најголем дел се резултат на стопираната изградба на дел од капиталните проекти во државата, пред сѐ автопатите.

Во јуни беше стопирана изградбата на двата автопати од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид бидејќи, како што информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, постоеле низа пропусти при изведбата на градежните работи.

Во октомври беше потпишан анекс-договор со кинеската компанија „Синохидро“ со што рокот за изградба на оваа автопатска делница беше пролонгиран до септември следната година, а првичниот рок беше мај годинава.

Од автопатската делница Миладиновци-Штип, во должина од 47 километри, досега се завршени околу 80 отсто од градежните работи. Вредноста на тој проект е 206 милиони евра.

За автопатот Кичево-Охрид, пак, во наредниот период дополнително треба да се потпишат два анекс-договори. Како што информираше Сугарески, првиот ќе биде за продолжување на рокот за градба за уште околу три години, а вториот за дополнителната сума за доизградба.

Изградбата на автопатот Кичево-Охрид, во должина од 57 километри, според сегашниот договор, чини 374 милиони евра. Првичните проценки на надлежните институции покажуваат дека ќе бидат потребни дополнителни над 120 милиони евра.

Проблем со роковите имаше и кај автопатот Демир Капија-Смоквица, кој се гради повеќе од седум години, така што беше пролонгирано пуштањето во употреба на оваа делница. Иако по овој автопат конечно требаше да возиме уште летово, поради технички проблеми во октомври беше потпишан анекс на договорот за изградбата на автопатот, со што се очекува дека тој ќе биде пуштен во употреба во март следната година.

Тогаш од Владата информираа дека освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот. Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар.

Но освен автопатите, беа стопирани и други капитални проекти почнати од претходната влада.

Во септември стопирана беше изградбата на новиот клинички центар во Скопје. Тогашниот министер за здравство Арбен Таравари изјави дека изградбата нема да продолжи сѐ додека експерти не спроведат анализа која треба да одговори дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар.

Во ноември требаше да се знае дали ќе се гради или нема да се гради клиничкиот центар, но со оглед на тоа што Министерството за здравство од локалните избори е без министер, сѐ уште не се знае судбината на овој капитален проект.

Договорот за изградбата на овој објект е потпишан на 19 мај од тогашниот министер од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров. Договорот вреди околу 72 милиони евра, додека градежните работи се очекуваше да завршат во рок од 45 месеци.

Од капиталните проекти на претходната влада кои беа стопирани, беше и изградбата на 95 барокни фасади во Скопје, како и изградбата на панорамското тркало. Но, според експертите, ваквите бројки се и резултат на слабиот институционален капацитет за да се реализираат проектите.

Според економскиот аналитичар Фатмир Битиќи, секоја година Македонија има слаба реализација на капиталните инвестиции, а очекува годинава да стигнеме до максимално реализирање на 65 отсто од планираното.

– Тоа се должи на слабиот административен капацитет на јавната администрација. Средствата што се планирани во тековната година треба да се реализираат и да има пролонгирање на динамиката. Сепак, тоа се склучени договори кои предвидуваат плаќања. Еднаш засекогаш треба да се проектираат капитални инвестиции колку што реално може да се реализираат или да се подобрат капацитетите на администрацијата за да си ги извршуваат работите според договорените проекти – смета Битиќи.
Тој вели дека прашање е дали и проектираните инвестиции за следната година ќе се реализираат според предвиденото.

Со ребалансот на буџетот, кој беше направен летото, капиталните расходи беа скратени за 50 милиони евра.

Тогаш министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека со ребалансот капиталните инвестиции се поставени на реална основа, па дури и дека се оптимистички проектирани, пред сѐ поради ниското ниво на реализација во првата половина од годината.

– Со буџетот за 2017 година, капиталните инвестиции беа проектирани на 27 милијарди денари, сега се на 23,4 милијарди денари бидејќи се поставени на реална основа. Во 2016 година реализацијата била 16,9 милијарди денари и во изминатите пет години тие никогаш не достигнале реализација повисока од 19 милијарди денари. Секој буџет досега беше лажно проектиран за да се продава приказната дека има развој – кажа Тевдовски на собраниската расправа за ребалансот на буџетот.

Лани поради двата ребаланса, капиталните трошоци беа двапати намалени. Првичното, со буџетот за 2016 година беа планирани на 412 милиони евра, потоа со првиот ребаланс се намалија на 366,6 милиони евра, а со вториот дополнително се намалија на 363 милиони евра. Годината ја завршивме со капитални инвестиции од само 270 милиони евра.

Оваа година со буџетот што го скрои претходната влада капиталните инвестиции беа проектирани на 438 милиони евра, а со ребалансот што го направи новата влада тие се намалија на 386 милиони евра. За единаесет месеци реализирани се само 225 милиони евра од предвидените капитални трошоци.

Александра Спасевска