Калифорнија: Гувернерот Њусом го сопира извршувањето на 737 смртни казни


На извршување смртна казна во Калифорнија чекаат 737 луѓе, а во оваа сојузна американска држава последниот затвореник погубен е во 2006 година.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом ќе прогласи привремен мораториум на извршување смртни казни на што чекаат 737 затвореници, пишува Би-Би-Си.
Американските медиуми наведуваат дека Њусом смртна казна ја опиша како „потполна спротивност на основните вредности за кои се залагаме“.
Последната смртна казна е извршена во 2006 година.
Њусом на функцијата дојде во јануари, а едно од неговите предизборни ветувања беше споменатиот мораториум.
„Општеството кое себеси се смета за цивилизирано не може да тврди дека е светски лидер додека владата истовремено спроведува смртни казни3, вели тој.
Прогласувањето на мораториумот ќе доведе до повлекување на калифорнискиот протокол за смртоносна инекција, како и до затворање на собата за егзекуција во затворот „Сен Квентин“.
Граѓаните на Калифорнија до сега два пати гласале за укинување на смртната казна, и во двата наврати предлогот не доби потребно мнозинство. Пред седум години тој изнесуваше 48, а во 2016 година 47 отсто.
Гувернерот не може во потполност да го укине законот за смртна казна од 1978 година, а следната прилика граѓаните да излезат на гласање по ова прашање е во 2020 година. Неговите одлуки ќе престанат да важат кога тој ќе ја напушти функцијата, а следниот мандат му истекува и во јануари 2023 година.
Од 1978 година повеќе од 900 луѓе се осудени на смртна казна, но само 13 се погубени.
Уште 79 затвореници починале од природна смрт, 26 се самоубиле чекајќи ја казната, покажуваат податоците на калифорниската Управа за казни и рехабилитација.