Какламанис: Грчкиот Парламент нема да изгласа договор што ќе содржи македонски јазик и македонска нација


Ако договорот содржи македонски јазик и македонска нација нема да биде изгласан од грчкиот Парламент, смета еден од неговите потпретседатели и пратеник од Нова демократија, Никитас Какламанис, во интервју за грчкото радио 247.

– На пример, ако договорот го содржи она што го кажа претседателот или господинот Заев дека го имаме загарантирано нашиот јазик, македонскиот јазик и нашата нација, дека сме македонски народ, еден таков договор, се плашам, не се плашам, туку се надевам, нема да се изгласа во парламентот, па дури и од оние што се борат за затворање на ова прашање. Не може да се изгласа, од кого ќе се изгласа, вели Какламанис.

Потпретседателот на грчкиот Парламент не е оптимист дека набргу би можело да се постигне договор меѓу двете земји. Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој вели дека уште пред месец и половина предвидел дека нема да има решение во текот на јуни или јули, а според него главната причина е, како што рече, „познатата бескомпромисност на Скопје“.

– Финализирањето на ова прашање, па дури и да го забрза господинот Заев, кој има свои тешкотии, нема да заврши пред крајот на оваа година, вели Какламанис во интервјуто за грчкото радио.

Според неговите проценки, „развојот на настаните во скопското прашање може да влијаат врз политичката сцена во Грција и побрзо да донесат избори“. Тој вели дека она што ја загрижува опозициската партија е ставот на коалицискиот партнер во грчката Влада, Независни Грци, во случај, евентуалниот договор да дојде во грчкиот Парламент. Но, рече, засега тие немаат донесено одлука дали би доставиле предлог за гласање недоверба на грчката Влада.