И новите првачиња ќе учат по „Кембриџ“


Нема да се спроведе пилот проектот за дел од првачињата, кои од септемвери според најавите на надлежите требаа да учат по нови наставни планови и програми, а не по „Кембриџ“. Откако ќе биде усвоен новиот Закон за основно образование, за којшто сега се подготвува втора верзија, којшто ќе биде ставен и на јавна дискусија, ќе следуваат реформи. Во јануари беше најавено дека за учениците ќе има помалку часови, домашните работи ќе се заменат со вежби на час, содржините од досегашните предмети ќе се интегрираат во еден и дека ќе се оди на непосредна проверка на знаењата со цел да се види како размислуваат  учениците.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми вчера изјави дека кога се работи за значаен закон со крупни решенија не треба да се брза, оти искуствата од минатото покажале да се донесат закони, а потоа  да претрпат многу дополнувања. Тој додаде дека сака кога ќе се тргне во реформи тие да бидат целосно подготвени и квалитетни за да не се појават проблеми како технолошки вишок на наставници. За да се спроведат новини потребни се пари, како за обука на наставници, така и за нови учебници и прирачници. За сево ова освен со домашни експерти претставници од образование разговарале и со  меѓународната заедница.

„Идеите, концептот и духот, тоа што е изнесено во јавноста ќе бидат дел и во законот за основно образование, затоа сме фокусирани и мислам дека ќе направиме многу значајна работа. За пилот проектот во основно образование ќе донесеме одлука кога ќе бидеме сигурни дека една реформа ќе финкционира и ќе биде продуктивна за нашите деца. Се работи за нашите деца и во некои чекори не треба да избрзуваме. За предлог-наставните програми, кои беа објавени изминатиот период  пред јавноста, јас од Бирото за развој на образование добив мислење каде имаат забелешки, исто така и од имплементаторот и писмено сум известен за нивните предизвици од финансиски аспект. Кога ќе бидеме сигурни дека една реформа ќе даде придонес за подигнување на квалитетот на воспитно образовниот процес, неа ќе ја преземеме“, рече Адеми.

Започнати се и подготовките на новиот Закон за средно образование, а од септември во две стручни средни  училишта во Охрид и Кавадарци ќе се спороведе дуално образовабние по германски образец, преку кој ќе се овозможи поголема соработка на училиштата со стопанството. За двете училишта веќе се усвоени новите наставни програми. Тој очекува во 2019-2020 да биде заокружен процесот на целосно реформирање на четиригодишното средно стручно образование. Формирани  се и комисии кои треба да дадат мислење за измена на 30 отсто од содржините на повеќе учебници  коишто се користат во основното и средното образование, во кои се утвдени грешки и неточни факти.

„Во изминатиот период отворивме можност за коригирање на сите неточни податоци или за дополнување на некои факти во учебниците. Објавивме и јавен повик до сите граѓани да ни достават конкретни предлози за некоја неправилност или недореченост или за корекција и формиравме комисии. Ние сме интензивно во контакт со членовите на комсиите, со издавачите и авторите, за да го подобриме квалитет на соджината на учебниците“, објасни Адеми.

Дали ќе има промена во учебниците по историја и географија по потпишувањето на договорите со соседите министерот рече дека како држава живеме во еден историски период, затоа смета дека сите институции треба да придонесат за остварување на нашата стратешка цел, членство во НАТО и ЕУ. Целосно сме фокусирани и ангажирани да го подобриме квалитетот на сите учебници. Најави нови учебници по странски јазици, воведување на италијанскиот како втор и воведување на босанскиот јазик во основно образование.

Вероника Мароска-Леова