Мијалков и Тодоров исклучени од ВМРО-ДПМНЕ


Екс директорот на УБК и поранешен висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков, како и  екс министерот за здравство Никола Тодоров се најдоа на листата на исклучени членови на ВМРО-ДПМНЕ. Според неофицијални информации, исклучувањето на Мијалков било поздравено со овации. Иако Мијалков  демантираше каква било вмешаност во актуелните случувања поврзани со обезбедувањето на двотретинското мнозинство за  уставни измени, претседателот на партијата Христијан Мицкоски се одлучил на ваков чекор, и покрај противењето на голем број на членови и симпатизери. Неофицијално Мицкоски пред своите најблиски членови од раководството ова го објаснил како борба против „мијалковистите“. Претходно од функциите беа разрешени Митко Јанчев, досегашен потпретседател, и Костадин Богданов, член на Извршниот комитет.

Мицковски и неговите следбеници веруваат дека  Мијалков ги натерал седумте пратеници од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за  отварање на уставот за имплементација на Преспанскиот договор за да си обезбеди  како што се шпекулира амнестија за злоупотребите додека беше прв човек на УБК и еден од најмоќните фигури во времето на груевизмот.

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ инаку добил целосна поддршка на  Централниот комитет на партијата. Според извори на ВМРО ДПМНЕ едногласно била отфрлена потребата од вонреден конгрес.