Истражување: Отвореноста на македонското Собрание на исто ниво како лани


Променетиот собраниски состав на македонското Собрание и новото владејачко мнозинство се уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција. И покрај демонстрираниот интерес да се работи на поголема отвореност, блокирањето на Собранието од страна на опозицијата има влијание врз ваквите намери. Па, така, отвореноста на македонскиот Парламент е на исто ниво како лани.

Ова го покажува студијата за јавна политика направена од регионална мрежа на невладини организации „Аction SEE“, Метаморфозис, Фондација за интернет и општество во која се анализира нивото на транспарентност, отвореност, отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан.

Според документот, македонското Собрание исполнува 58 отсто од индикаторите за отвореност, што е за еден отсто помалку од 2017 година.

Како што соопштија од Метаморфозис, и покрај длабоката институционална криза, Собранието и понатаму ги спроведува востановените добри практики на отвореност пресликани преку редовното објавување на дневните редови за работа на пленарните сесии и на работните тела, видео и стенограмските записи од пленарните седници, присуствата и начинот на гласање на пратениците на пленарните сесии, контактите и биографиите на пратениците, но не и нивните плати и средствата кои тие ги побарале за надомест на патните трошоци, како и редовно објавување на темелни годишни извештаи.

– Сепак, останува забелешката од истражувањето во 2017 дека Собранието на РМ треба да работи на подобрување на отвореноста на работните тела (комисиите), со тоа што би се објавувале присуствата на пратениците на сесиите, стенограмските и видео записите, како и начинот на гласање на пратениците на работните тела, посочуваат од Фондацијата.

Според сегашната пракса, како што се посочува, се објавуваат заклучоците и предложените амандмани, а видео записите (кои се емитуваат и со задоцнување од неколку дена и без информации кога ќе се објават од одредени седници) и покрај тоа што се емитуваат на националниот собраниски ТВ канал, не се објавуваат на веб страницата на Собранието.

Подобрување на консултативните процеси при носењето на законите
Собранието во Македонија исполнува 61 отсто од индикаторите за консултативни процеси со јавноста при носењето на законите и другите политики. Во рамки на индикаторите за консултативни процеси со јавноста при носењето на законите бил оценуван и бројот на закони за кои Собранието побарало мислење од стручната или општата јавност. Само за 50 отсто од законите и другите акти или стратегии работните тела побарале мислење од јавноста, што уште еднаш потврдува дека консултативниот процес мора да биде гарантиран и задолжителен, а не да се практикува факултативно.

Дополнително, како што се посочува, специфика на повеќе собраниски состави е носењето закони во скратена постапка. Ако во 2016 година од донесени 366 закони, дури 238 биле донесени во скратена постапка, во 2017 година има незначително подобрување, па од вкупно 42 закони со скратена постапка биле донесени 24.

Индикаторите за Собраниски надзор на РМ се исполнети со високи 83 отсто, а само собранијата на Албанија (88 отсто) и на Црна Гора (93 отсто) имаат подобри резултати. Резултатите се високи бидејки македонското Собрание ги гарантира вообичаените контролни механизми, како што се пратеничките прашања, интерпелацијата, надзорните расправи, итн. Сепак, се наведува во соопштението. 2017 година беше специфична по тоа што пратеничките прашања, како контролен механизам, беа речиси неупотребени. Новоизбраната Влада одговараше само еднаш во првите шест месеци од мандатот, а вкупно биле поставени 41 пратеничко прашање.

Индикаторите за пристапот до информации и за финансиската транспарентност се на исто ниво – оценети со 61 и 62 отсто исполнување на индикаторите за отвореност.

– Поразително е што Собранието на својата веб-страница го нема посочено офицерот за пристап до информации од јавен карактер, ниту ја ажурира и објавува на годишно ниво листата на информации од јавен карактер, посочуваат од Фондацијата.

Индикаторите за отвореност, во поглед на државниот буџет, се за два отсто пониски од минатата година и со 27 отсто исполнување претставува најслабиот резултат на Собранието. Собранието, посочуваат од таму, го објавува предлог – буџетот на државата, но не и финално изгласаниот Буџет на РМ или, пак, полугодишните извештаи за трошењето на буџетот, ниту завршната сметка. Граѓански буџет се уште не е објавен на веб-страницата на Собранието, иако таа пракса ја започна Владата и неколку министерства.

Собранието, исто така, не објавува линк до страницата на Државната комисија за спречување корупција каде што се објавуваат анкетните листови за имотот на пратениците, ниту објавува линк до Единствениот систем за јавни набавки.

Истражувањето е спроведено од декември 2017 година до крај на март 2018 година. Врз основа на резултатите од истражувањето, направени се препораки и упатство кое ќе биде доставено до релевантните институции и по писмен пат.

Во однос на собранијата на регионално ниво, отвореноста на Собранијата на регионално ниво е незадоволителна.

– Наместо да се постигне очекуваниот напредок во сферата на отвореноста, Собранијата од регионот постигнаа полоши резултати споредено со претходниот период на истражување. Во просек беа исполнети 61 отсто од индикаторите од областа на отвореност. Резултатот е понизок за два отсто во споредба со отвореноста забележана во 2016, кога таа изнесуваше 63 отсто, се наведува во соопштението.

Падот на нивото на отвореност на сите собранија на регионално ниво, со исклучок на албанското, како што се оценува во соопштението, покажува дека собранијата не се стремеле да го одржуваат постигнатиот степен на отвореност или да инвестираат во неговиот развој цела една година.