Интервју со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески: Што ќе се гради кај „Холидеј ин“ зависи од Општина Центар


Министерството за транспорт и врски и министерот Горан Сугарески се под постојан удар на јавноста поради продажбата на земјиштето спроти ГТЦ во центарот на Скопје, слабата реализација на капиталните инвестиции во неговите сектори, како и двата пропаднати тендери на нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ што ги загрижи граѓаните дека ќе останат без евтини летови. Во интервју за „Независен весник“, Сугарески се обидува да го амортизира гневот на јавноста со тоа што ветува оти многу скоро ќе се донесат законите што ќе го спречат урбанистичкото лудување, особено во главниот град на земјава.

 Министре Сугарески, има огромен гнев во јавноста за зградите кои ќе се градат спроти ГТЦ, во центарот на Скопје. Вашето објаснување дека сѐ е во согласност со законите не е доволно за јавноста. Овој случај се заканува да стане еден од најголемите проблеми во Владата на СДСМ. Дали сте свесни за тоа?

Свесен сум за реакциите на граѓаните и верувајте дека ги разбирам целосно. Во изминатиот период детално објаснувавме за целата постапка, ја ставивме на увид целосната документација, но уште еднаш ќе повторам, продажбата на земјиштето е законска, точно како што пропишува Законот за градежно земјиште. Имено, двата субјекти до Министерството за транспорт и врски доставиле барање за дооформување на градежната парцела. Бидејќи сме утврдиле дека имаат над 30 отсто сопственост, ние сме должни според Законот за градежно земјиште тоа да го сториме. Значи, нема дали сакаме или не сакаме да го отуѓиме земјиштето, обврзани сме според Законот тоа да го направиме и по точна утврдена цена која е пропишана во Уредбата за висината на цената на градежното земјиште. Да појаснам, Уредбата е донесена од Владата и таа важи за цела територија на Република Македонија. Ве уверувам дека кој да бил во оваа институција на мое место, ќе го сторел истото. А што ќе се гради таму, тоа е надлежност на Општина Центар и тие треба да имаат предвид според урбанистичките планови, согласно со идните планирања или сè што е во рамки на потенцијалниот развој на Скопје. Надлежностите за градење и издавање на градежни дозволи се во Општина Центар. Ме прашавте дали сме свесни за ова, ќе ви одговорам директно. Да, свесни сме за сите постапки кои ги правиме и се грижиме тие да бидат единствено според позитивните законски прописи во државата. И да дополнам, овие постапки се вообичаени кај нас и се водат на дневна основа, но пак ќе потенцирам, што таму ќе се гради, тоа е прашање за кое одговорите треба да се бараат во Општина Центар.

Изградбата во Скопје се претвори во филозофија на оформување парцела. Јавниот интерес се губи во џунглата од згради. Градот и општините ја имаат клучната улога во тоа, но Владата секако може да преземе други активности со кои на општеството ќе му покаже дека се грижи за јавниот интерес. Сега законите не го покажуваат тоа. Зошто не ги менувате штетните закони?

-Урбаниот хаос во Скопје се случува години и години наназад и за тоа многу реагиравме додека бевме опозиција. Со преземање на власта, решивме тоа да го смениме и ве уверувам дека работиме на тоа. Ја започнавме најголемата реформа во оваа дејност, а тоа е доста комплексно прашање. Формиравме тело во кое вклучивме стручни лица, градежници, коморите, архитекти, професори, институции и сите други инволвирани страни од оваа струка. Една година собиравме предлози, мислења, решенија како да го подобриме планирањето на просторот. Изработивме нов Закон за урбанистичко планирање во кој генерално ставивме голем дел од предлозите од сите засегнати страни. Токму овој Закон треба да го регулира хаосот што се случуваше во изминатите години, а од друга страна треба да придонесе за хумано урбано живеење. Покрај овој Закон, веќе извесен период работиме и на нов закон за градење, многу подобрен и приспособен на барањата и сугестиите на градежните експерти. Сите конструктивни предлози добиени од страна на бизнис заедницата се разгледуваат од стручни лица и ќе се погрижиме сето она што е во насока на поттикнување и подобрување на градежната дејност да биде инкорпорирано во новиот Ззакон. Нашата цел како Влада е да го стимулираме градежниот сектор и да ги подигнеме стандардите за градење, истовремено грижејќи се за јавниот интерес, така што се надеваме дека со законските измени ќе го постигнеме тоа. Во меѓувреме, континуирано имам средби со градежните комори во земјава, ги слушаме нивните барања и верувајте дека најголем дел од нив се веќе ставени во законите што ги работиме. Често ми поставуваат прашања кога ќе бидат донесени овие закони. Ако сакавме да донесеме паушални и брзи решенија, ќе ги донесевме досега. Но, не, сакаме да изработиме еден нов квалитетен закон со кој ќе го издигнеме градежништвото како водечка гранка, ќе ги подобриме нормативите согласно со европските стандарди и на крај ќе ја олесниме работата на градежните компании. Тоа е нашата крајна цел, законот да е лесно применлив во практика и да биде во функција на сите засегнати страни.

 Кога конечно ќе биде пуштен во употреба автопатот Миладиновци-Штип?

-Изградбата на автопатот е веќе во финална фаза и очекуваме да биде комплетно завршен до крајот на годинава. Градежните работи се завршени, во моментов се работи на завршно асфалтирање на уште 500 метри и останува да се постави уште еластичната заштитна ограда. Како што ветивме, за многу скоро време ќе биде пуштен во употреба и конечно граѓаните од истокот ќе се возат по нов, модерен и безбеден автопат.

Донесен е анексот на договорот за автопатот Кичево- Охрид. Значи ли тоа дека е утврдена и динамиката на градежните активности за идната година?

-По долги и исцрпни преговори со изведувачот, успеавме да договориме пониски цени, да обезбедиме заштеди и да изнајдеме оптимално решение за продолжување на изградбата на автопатот. Знаете дека треба да се изградат девет клучки кои претходно не беа предвидени, како и неколку алтернативни патишта како составен дел на овој проект. Исто така, изведувачот се обврзува да ги изведе и сите дополнителни работи во тунелот Пресека, сите пропусти за вода на целата траса, како и ископите за стабилизација на косините и санација на свлечиштата на целата траса. Веќе се работи на програмата за работа според новите договорени позиции. Верувам и очекувам дека градежните работи ќе се интензивираат и до 2021 година, согласно со предвидениот рок, граѓаните ќе добијат нов и модерен автопат, изграден по сите безбедносни стандарди.

Пругата Битола-Кременица треба да биде готова за кусо време. Што понатаму? Ќе има ли редовен воз до Лерин, а од таму до Солун? Што направи Грција од својата страна?

-Изградбата на пругата е веќе завршена, единствено останува да се изведат електрични поврзувања. Направен е и спојот меѓу македонската и грчката пруга и сега останува нашата и железницата на соседна Грција да утврдат воспоставување на нова линија или возни редови. Она што е најважно е дека пругата е готова, а тоа ќе придонесе за развој не само на Пелагонискиот Регион, туку и на цела држава. Таа пруга прв пат е изградена во 1894 година, а прекината е со сообраќај во 1986 година. Имаме обврска таа релација да ја воспоставивме повторно поради развојот на земјата.

Има неколку грантови за пругата кон Бугарија. Првиот беше најавен лани во Трст, но досега нема ништо од изградбата. Зошто? Може ли Македонија да ги изгуби парите поради застојот?

-Не се согласувам со вашата констатација дека нема активности. Прво, обезбедени се средства од 70 милиони евра за втората фаза за изградбата на делницата Бељаковце-Крива Паланка, за што следната недела ќе се потпише договор. Исто така, од оперативната програма ИПА 2017 -2020 обезбедени се 60 милиони евра за третата фаза од Крива Паланка до Деве Баир. Застој нема, напротив, сите пречки кои се појавија во првата фаза веќе се надминати и градежните работи се одвиваат со посакуваното темпо и во наредниов период ќе бидат уште повеќе интензивирани. Очекуваме рехабилитацијата на делницата од Куманово до Бељаковце да биде завршена во текот на следнава година. Тендерот за изградба на делницата од Бељаковце до Крива Паланка за што вие прашувате е веќе во тек и првата фаза на претквалификација на компаниите заврши. За реализацијата на овој проект веќе се обезбедени 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра од Европската Унија – грантот кој го спомнавте и 75 милиони евра од заем од Европската банка за обнова и развој. Очекуваме изградбата да започне следната година, а да заврши во 2023 година. За третата фаза од пругата кон Бугарија, делницата Крива Паланка – Деве Баир, работиме на обезбедување на целосната финансиска конструкција.

Сакам да нагласам дека Меморандумот кој го потпишавме со Република Бугарија предвидува точно утврдени рокови за завршување на изградбата и согласно со овие рокови, очекуваме пругата од македонска страна да биде комплетно завршена до 2025 година.

По пропаѓањето на мостот на Црна на железничкиот Коридор 10, се отвори прашањето за безбедноста на пругите. Кога последен пат е направена инспекција, особено на мостовите?

-Ве уверувам дека во ниту еден случај не е во прашање доведена безбедноста во железничкиот сообраќај. ЈП Железници – Инфраструктура на дневна основа врши проверка на железничката инфраструктура и онаму каде што е потребно се интервенира. Последниот случај со оптоварувањето на мостот е дополнителен поттик да се фокусираме токму кон модернизација на Железницата и верувајте дека тоа го правиме. За следната година обезбедивме над три милијарди денари за модернизација на железничката инфраструктура.

Летово беше најавено дека ќе стартува електронската наплата на рампите на автопатот „Пријателство“. Што се случи со тој проект?

-Електронскиот систем за наплата на патарините во Романовце, Петровец и двете во Велес е веќе инсталиран. Започнавме со дислокација на патарината Градско, преместувајќи ја околу еден километар понапред, бидејќи на тој дел ќе се поврземе со новиот експресен пат кон Прилеп. Останува да се изгради уште оваа патарина и да се постави електронскиот систем на патарината кај Миладиновци. Според тоа, очекувам електронската наплата на Коридорот 10 да биде пуштена во употреба напролет. Имаме намера најпрво сите патарини да ги опремиме со новиот систем и потоа наеднаш да го пуштиме во употреба.

Со двата пропаднати тендери за субвенционирање на нискобуџетни превозници, кај јавноста се создаде страв дека може да ги загубиме евтините летови. Сметате ли дека се создадени услови, сега и во иднина, овие авиопревозници и без државна помош да работат одржливо на македонскиот пазар?

-Пред извесен период истече договорот помеѓу авиокомпанијата „Визер“ и Владата на РМ. Ако ги погледнете резултатите на ТАВ, со рекорден број превезени патници, веројатно ќе донесете заклучок дека тоа е така. Но нашата цел е да овозможиме континуиран развој на воздушниот сообраќај. Сметам дека мерката за финансиска поддршка дава резултати и поради тоа ќе ја продолжиме. Средствата од пет милиони евра се веќе предвидени со буџетите за следните три години и верувам дека третиот јавен повик кој веќе е распишан ќе биде успешен и ќе продолжиме континуирано да овозможуваме нови дестинации за македонските граѓани. Не се откажуваме од концептот Охридскиот аеродром да го промовираме во аеродром на нискобуџетни летови и да ги искористиме неговите капацитети.

Точно е дека двата јавни повици беа неуспешни, но поради објективни причини. Меѓутоа, ние не се откажуваме од нашата цел, распишавме нов јавен повик и очекувам до крајот на оваа година да избереме авиокомпанија. Бројките од месец во месец нè охрабруваат и ни даваат за право да кажеме дека авиосообраќајот и во наредниот период ќе се движи во нагорна линија.

Сања Наумовска