Интервју со Дамјан Mанчевски : На две или три раце се бројат случаи со непотизам


По две години подготовки и најави, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека ова ќе биде година на реализација и промени. Тој објавува и крај на „етичките судири“ при вработувањата во администрацијата и во јавниот сектор и оценува дека треба да се разбуди претприемачкиот дух кај младите, за да ги градат своите кариери во државата и да не инсистираат на работа во државните институции.
Од преземањето на власта најавувате голема реформа на администрацијата. До каде е процесот, со оглед на тоа што оваа реформа сега е дел и од европските критериуми?
Битно беше да се усвои акцискиот план за реформа на администрацијата. Тоа е нешто што долго време недостигаше, односно немаше политичка волја за тоа. Оваа работа ја завршивме и од годинава почнуваме со видливи проекти. Го отворивме првиот центар за една точка на услуги. Ќе има мрежа на вакви центри низ целата земја. Исто така, во тек е инсталирањето на софтверот и хардверот за електронскиот регистар на население, така што во мај или во јуни ќе го пуштиме во употреба. Веќе е изработен националниот портал за електронски услуги, но го чека регистарот за да може да стане функционален. Во вторник на влада ќе ги усвоиме и законите што се однесуваат на електронскиот идентитет на граѓаните – законот за електронски регистар на население, како и законот за електронски услуги и за електронски доверливи документи и сертификати. Кога ова ќе се реализира, граѓаните ќе можат многу лесно на своите мобилни уреди да добиваат многу услуги и да вадат документи. Преземени се мерки и на другите нивоа на администрацијата, во делот на деполитизацијата. До крајот на овој месец ќе го промовираме новиот закон за висока раководна служба. Се работи за сите раководни места под ниво на заменик-министер и над раководител на сектор – државни секретари, директори на агенции, бироа, јавни претпријатија, каде што воведуваме принцип на избор што ќе го врши комисија во која, покрај претставници на институциите, ќе има и претставници од граѓанскиот сектор, универзитетите и слично. Тие ќе го вршат бодувањето и интервјуирањето на кандидатите и на тој што ќе го врши изборот, било да е премиерот или некој министер ќе му предложат кратка листа од најсоодветни кандидати. Постапката ќе биде транспарентна и граѓаните ќе бидат уверени дека кој и да биде избран од таа кратка листа ги задоволува сите услови. Ова е само едниот од механизмите. Вториот што го предвидуваме и кој ќе стави крај на хаосот во институциите, е механизмот што предвидува нивна оптимизација и реорганизација, на што работиме заедно со ЕУ и со Сигма. Се мапира системот за да се види кои институции се преклопуваат со ингеренции, кои се мали и не е потребно да постојат, дали постои можност да се спојат во една, дали има потреба за создавање нови. Така станува сè поизвесно дека ќе мораме да формираме дигитална агенција од нови институции, заради одливот на ИТ-кадри. Таа би била како служба за општи ИТ-работи за сите институции. Ова ќе значи воведување ред на линијата на отчетност и одговорност. Министерствата ќе ги креираат политиките, дирекциите и бироата ќе служат за имплементација, а инспекторатите ќе контролираат. Ќе биде едноставно, затоа што институциите ќе се постават по вертикала и ќе нема шареноликост како досега. Сега од 128 институции само 62 се формирани согласно со Законот за организација на државната управа. Другите се со посебни закони и тоа создава хаос.
Кои институции би можеле да се укинат?
Анализата е во тек. Сакам да ја видам, па ќе може да зборуваме. И не само тоа. Треба да се намали бројот на управни и надзорни одбори. Треба да се премине кон т.н. монократско управување. Бараме помош и сугестии од граѓанскиот сектор во делот на поставување критериуми и етички норми. Конкретно, со една НВО подготвуваме сосема нов концепт за избор на управни и надзорни одбори, каде што во многу поголем обем ќе се земе предвид професионалната подлога на членовите. Но, од друга страна, мора да се земе предвид и реалноста дека во Македонија нема многу кадар, посебно стручен.
Како го премостувате проблемот со дефицит на стручен кадар во администрацијата, наспроти превработеноста во одредени области?
Тоа е навистина проблем. Не само тука, затоа што многу администрации се соочуваат со такви проблеми. Мора да поработиме на системот на плати и во подготовка е нов закон во Министерството за труд и социјална полтика. Мораме да дефинираме листа на дефицитарни кадри, да се набројат и за нив да се овозможат барем нешто повисоки плати. Во делот на ИКТ, го гледам решението во формирањето дигитална агенција. Што се однесува до вишокот вработени, крајниот резултат на реорганизацијата и оптимизацијата е дека на тие луѓе ќе им дадеме шанси, со одредени поволности, да преминат во приватниот сектор. Од стопанските комори ќе побараме информации за да видиме што е дефицитарно во приватниот сектор и да видиме ако може да се најдеме на средина. Ова ќе биде обид. Не можам да гарантирам дека ќе успее, ама верувам во тоа затоа што правиме анализи, а како влада рековме дека нема да има отпуштање. Напротив, бараме начини, смислуваме пакети за луѓето да не останат без работа. На крајот, како држава, пак треба да им обезбедиме услови на сите граѓани да работат. Но, ќе дојде некоја друга влада, ќе ги најде тие анализи и ќе им рече – тоа е тоа. Ако, пак, ова успее ќе, имаме вин-вин ситуација за сите, затоа што државата ќе ја намали вкупната сума пари што ги дава за плати, приватните фирми ќе добијат поевтина работна сила затоа што нема да ја плаќаат целата сума за платите, а вработените ќе се чувствуваат покорисни. Еве, јас доаѓам од приватниот сектор и ќе кажам дека, ако се работи, работата таму е побезбедна и попријатна. Сите пред да влезат во државниот сектор мислат дека тоа е многу подобро, многу посигурно, ама тука сте предмет на оценување, се соочувате со многу покомплицирана хиерархија…
Едно од ветувањата во изборната програма на СДСМ беше дека ќе го ревитализирате приватниот сектор, ќе создадете услови за развој на претприемништвото и на малите и средни претпријатија. Што направивте на тој план, затоа што и натаму сите гледаат како да се „вдомат“ во администрацијата или во јавниот сектор?
Тоа навистина не го разбирам. Поразителни се резултатите што ги гледаме во сите анкети. Ние сме политичари и редовно правиме анкети и 40 проценти од младите – редовно, не само сега, решението си го гледаат во јавниот сектор. Тоа е неодржливо и не е добро. Она што се обидуваме да го правиме се редица активни мерки за вработување преку Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Дел од тие мерки е преквалфикација на ИКТ-кадарот. Оваа година околу 1.300 сертификати и ИТ-серттификати ќе им бидат понудени на млади луѓе да се преквалификуваат или доквалификуваат, со што веднаш ќе станат поатрактивни на пазарот на труд. Научно-технолошкиот парк што го отворивме пред само неколку дена е исто начин преку кој се обидуваме на младите луѓе да им покажеме дека има можности да развијат сопствен бизнис овде и да соработуваат со странски компании. Другите мерки се преку Фондот за иновации, во делот на средства за стартап или за мали и средни претпријатија. Тоа се сериозни суми средства што им стојат на располагање. Младите луѓе навистина имаат друга шанса и алтернатива. Се надевам дека барем малку ќе го вратиме претприемачкиот дух кај младите. Вака, имаме конкретни профили што недостигаат и што е тешко да ги привлечеме. Се прават анализи, главно во Секретаријатот за европски прашања. Да видиме како да привлечеме луѓе со големо искуство и високи квалификации за да земат учество во процесот на преговори со ЕУ. Тука не зборуваме за луѓе што се невработени, туку за луѓе што ќе треба од некаде да ги преземеме. Тоа се луѓе што, каде и да работат, работат за повисоки плати. Сегашните законски решенија за платите во државниот сектор, пак се ограничувачки. Гледаме некои компаративни искуства од земјите од регионот што се приклучија меѓу последните на ЕУ и во брзо време ќе излеземе со некој предлог. Ќе видиме колку тоа ќе биде привлечно за универзитетски професор или за некој што работи во меѓународна невладина организација или во голема компанија за да дојде и да се вложи во овој процес.
Има ли непотизам во државната администрација како во случаите што излегоа на површина главно во државни претпријатија?
Еве, ќе зборувам како претставник на партија. Во СДСМ си правиме искрен муабет и анализи. При крај сме со таа операција. На две или три раце се бројат луѓето кај кои можеби има етички конфликт, затоа што тука не станува збор за прекршување на закон. Ја повикуваме и охрабруваме Комисијата за спречување корупција да ги испита сите случаи и што е можно побрзо да донесе одлука. Што и да одлучи, ние ќе го почитуваме тоа. Но, исто така, треба да се поведе постапка и за сите случаи во минатото. Јавноста е сега многу посвесна, многу посензитивна, но тоа не значи дека поради 20 што ќе понесат одговорност треба да амнестираме 20.000. Овој систем, за жал, беше воведен во времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година, кога вработувањето по партиска линија стана правило. Претходно, по смената на власта во 2006 година главната причина што ни ја посочуваа нашите поддржувачи за смената на власта е што СДСМ не вработувал. Сега не е проблем што членови на СДСМ се вработуваат, туку што некој од СДСМ воопшто се вработува. Тоа беше невозможно во минатото, а сега се вработуваат и членови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, како и луѓе што немаат партиска книшка. Затоа ситуацијата не е едноставна и еднозначна. Ако расчистуваме со оваа ситуација, треба да расчистиме со сите случаи еднаш засекогаш и потоа треба да воведеме етички норми, за да не дозволиме ова да ни се повтори во иднина.
Ќе стигнете ли да го завршите потребниот дел од реформскиот процес во администрацијата пред самитот на ЕУ во јуни, со оглед на тоа што претстои изборна кампања?
Извештајот на Европската комисија се затвора на 1 март. Затоа и малку го забрзуваме законот за висока раководна служба, иако неговото донесување станува поургентно и поради целата оваа атмосфера што се создаде во јавноста со вработувањата. Со законски измени е поврзана и реорганизацијата и оптимизацијата на администрацијата, ама ние мора да го направиме концептот. Работиме и на тоа. Но, тој закон е двотретински. Измената на Законот за организација на органи на државна управа ќе повлече измени на стотица други закони што ја регулираат работата на институциите. Затоа, оваа постапка на реорганизација ќе трае до крајот на годината. Оваа реформа ќе биде всушност најболна за власта, затоа што значи кратење на раководни позиции, надзорни и управни одбори и директорски места. Опозицијата нема што да изгуби тука, дури и ќе добие поголема шанса за јавност при изборот на раководни места, така што не би требало да претставува проблем да се обезбеди двотретинско мнозинство.
Што стана со реформата на МРТВ и Агенцијата за медиуми ? Очигледно опозицијата и без договор ќе има свој директор и своја уредувачка политика во јавниот сервис за време на изборите?
Огласот за нови раководни тела во овие институции е распишан, ама е замрзнат поради претседателските избори. Веднаш откако ДИК ќе ги објави финалните резултати, кандидатите ќе имаат шанса за пријавување на огласот. Тоа би значело кон почетокот на јуни. Потоа доаѓаат роковите за селекција, избор и презентација на кандидатите. Тоа ќе се спроведе преку сличен принцип како при изборот на Државната комисија за спречување корупција, со тоа што изборот е двотретински. Очекувам дека пред летната ферија на Собранието, на почетокот на август, ќе бидат избрани новите управни тела на МРТВ и на Агенцијата.

 

Изборниот цензус не треба да нè плаши

Какви се вашите проценки, ќе има доволно одѕив за успешност на претседателските избори?
Тоа во еден дел зависи од тоа дали опозицијата ќе ги бојкотира изборите. Имаше некои најави во таа насока, па се повлекуваа, а јас не му верувам многу на Мицкоски. Тој велеше дека нема да го бојкотира референдумот, па го бојкотираше. Ако ВМРО-ДПМНЕ не бојкотира, апсолутно има шанси да се достигне цензусот. Па, и да бојкотираат, возможно е да се постигне цензусот. Сепак, во таков случај постои одреден ризик. Законите и Уставот имаат предвидено механизми во таква ситуација. Така, може да се распишат нови претседателски избори, може да се менува Уставот каде што се дефинира цензусот – во насока на негово симнување, а може да се размисли и за избор на претседател во Собранието, со двотретинско мнозинство, за што исто така се потребни уставни измени. Постојат опции и излезни решенија, така што не е ништо страшно, освен што земјата и економијата ќе продолжат да живеат во продолжена згрченост поради нефункционалност на дел од системот. Не би рекол дека е тоа нешто од што би требало да ставуваме. Ние сме цврсто убедени дека граѓаните го препознаваат нашиот концепт за едно општество, за евроатлантска интегрираност, за нови работни места, за инвестиции и поголеми плати. Исто така, имаме најави за големи странски инвестиции, но да не го откривам тоа јас… Видете ги само скоковите на Македонската берза по двете гласања за Уставот. Така што добро би било да се избере претседател за системот да продолжи да функционира по таа линија.
Александра М. Митевска