„Империјата“ изградена од офшор фирми, Камчев бил мозокот, Мијалков моќникот


Десетици фирми се дел од истрагата за случајот „Империја“, во која главни осомничени се Јордан Камчев и Сашо Мијалков. Дел од фирмите се во Македонија, а другите се офшор компании од Панама, Америка, Холандски Антили, Сејшели, Девствени острови, Велика Британија. Преку нив биле префрлани пари во македонските компании најчесто низ банки од Кипар, кои биле користени како основачки влогови, или со нив се купувале имоти, акции. Обезбедени се многу документи, докази за трансфери на пари, а има и сведоци кои проговориле како осомничените ја граделе империјата. Дел од нив се плашат да зборуваат јавно, па најверојатно ќе добијат статус на загрозени сведоци, пишува ИРЛ.

Докази се обезбедени од прислушуваните разговори, од посебни истражни мерки, од претресите во фирмите и домовите на осомничените и преку меѓународна правна помош од властите каде се формирани офшор фирмите.

Од СЈО брифираат дека од јуни до октомври лани под посебни истражни мерки биле Јордан Камчев и други осомничени, но Сашо Мијалков не бил слушан и следен. Интересно е дека како „таргет“ за овој случај од „бомбите“ кои ги има СЈО биле сопругата на Камчев, Ана Камчева, потоа братот на Сашо Мијалков, Влатко Мијалков, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и новинарката Оливера Трајковска. Преку нивните разговори со осомничените биле добиени многу траги во кој правец да се движи истрагата.

Досегашната истрага открива дека Јордан Камчев е кралот на офшорите, а заедно со неговиот некогашен пријател Сашо Мијалков кој користејќи ја моќната функција преку македонски фирми испрале милиони евра. СЈО обезбедило докази како се испрани 2,3 милиони евра преку „Ексико“ и „Финзи“. А, се уште се утврдува како се переле парите кои влегувале и излегувале од Македонија преку фирми од Израел, Швајцарија, Америка, Бахами, Кипар. Вкупната досега детектирана сума е 10,3 милиони евра.

Со лажен стечај Јордан Камчев почнува да ја гради империјата

Истрагата на СЈО е поделена во три дела. Првиот период е од 2002 до 2006, а вториот од 2006 до 2009 година кога Јордан Камчев ја затвора „Орка спорт“ и ја носи под стечај, со цел да не плати данок на државата во вредност од 5,9 милиони евра. Уште тогаш во фокусот на лажните стечаи се две офшор фирми – од Америка „Глобал Фајненс груп“ и „Латис Трејдинг Лимитид“ од Британските девствени острови. Дел од парите од „Орка спорт“ се префрлени на офшор фирмите, а дел на доверителите на „Орка спорт“, најголем дел фирми токму на Камчев. Кога згаснува „Орка спорт“ се создава „Орка холдинг“, а парите од затаениот данок се вложуваат во други фирми и бизниси.

Овие предмети се стари, а СЈО ги презело од Основното јавно обвинителство, кое и покрај доказите во тоа време не отворило истрага. Документите во УЈП се уништени, но за среќа се чувале во предметите во Основното обвинителство.

Камчев во тој период е млад бизнисмен, кој полека го презема управувањето на бизнисот од неговиот татко Илија Камчев.

Вториот дел од истрагата е од понов датум, од 2009 година, кога во игра влегува Сашо Мијалков. Тогашниот директор на УБК има моќ, а Камчев е човекот кој го бива за правење пари. Почнува врска од интерес, но не останува само на бизнис. Пријателството дури го крунисуваат со кумство.

Но, она за што дадоа завет на молчење беше сопственоста на фирмата „Ексико“ како централна во мрежата на империјата. Токму кон неа е насочена истрагата на СЈО и конечно е откриено кој е сопственикот на офшор компанијата во Лугано, Швајцарија, која ја основала „Ексико“.

Документите кои СЈО ги добило со помош на меѓународна правна помош докажуваат дека сопственик на „Ексико“ е Јордан Камчев.

Историјата на оваа фирма почнува многу одамна. Прв основач е офшор фирмата „Делта инвестмент“ од Белизе, основана од таткото на Јордан Камчев – Илија Камчев. Во еден период „Ексико“ преминува во рацете на екс директорот на „Телеком“ Жарко Луковски. А, кога „Делта инвестмент“ излегува од сопствеништвото, во „Ексико“ влегува „Калвус ЛЛЦ“ од Америка. СЈО обезбедило докази дека краен сопственик на оваа фирма мајка на „Ексико“ е Јордан Камчев. Преку неа во „Ексико“ влегуваат 1,6 милиони евра, од кои дел завршуваат на личните сметки на Камчев, а со дел се купувани имоти во Гевгелија на кои било планирано да се градат казина.

Последната промена е направена со фирмата „Т&МЈ Инвестмент“ од Лугано – Швајцарија, која и ден денес е сопственик на „Ексико“. Оперативните сознанија на СЈО водат кон тоа дека сега газда на „Ексико“ е член од семејството Мијалков. Но, од преземањето на „ТМ&Ј Инвестмент“ од „Ексико“ нема ни прилив, ни одлив на пари.

На иста адреса во Албени – Њујорк СЈО открило дека се регистрирани две фирми, „Калвус ЛЛЦ“ и „Финзи ЛЛЦ“. Првата мајка на „Ексико“, втората на „Финзи“ во Македонија. СЈО обезбедило докази и за перењето на пари преку оваа фирма.

Доказите на СЈО утврдиле дека Јордан Камчев е сопственик на американската офшор фирма, формирана во 2009 година со основачки капитал од 650.000 евра. Оваа фирма отвора своја во Македонија исто така под името „Финзи“, а управител е Владислав Стајковиќ, еден од осомничените.

Првите пари во Македонија од американската „Финзи“ стигнуваат преку банка во Кипар и со нив се отвора „Систина кардиологија“. Во 2012 година згаснува американската фирма, но се отвора нова останува, а како управител се назначува Коста Крпач – сведокот кој во 2016 се самоуби и чија смрт и до ден денес е сомнителна.

Истрагата за „Финзи“ сега е насочена кон утврдување на тоа дали на сметката на оваа фирма е префрлена провизијата од набавката на опремата за прислушување во МВР и дали вистински газда на македонската„Финзи“ е Сашо Мијалков.

Груевски или Камчев – чии се парите со кои беа купени атрактивни плацеви на Водно

Во една од бомбите на СДСМ се објавија разговори како поранешниот премиер Никола Груевски разгледува плацеви на Водно кои планира да ги купи. Истрагата на СЈО утврдила дека атрактивните локации се купени со пари кои во 2012 година стигнале од фирмата „Сирах лимитед“ од Белизе. 1,5 милион евра преку Кипар се префрлени на „Сирах инжинеринг“ во Скопје и со нив се купени шест парцели. Две на име на „Ексико“, две на „Кара“ и две на „Сирах инжинеринф“. Според документите официјален газда на панамската „Сирах“ е осомничениот Ненад Јосифовиќ, а на македонската Ристо Новачевски, кум на Груевски. Кога почнаа да се објавуваат присушуваните разговори, плацевите кои се водеа на име на „Сирах“ ги купи „Орка“ на Камчев и парите повторно се вратил во „Сирах Лимитед“ од Белизе.

„Едноставно парите направија еден круг“, велат од СЈО.

Сега истрагата треба да покаже– кој е вистински сопственик на „Сирах“. Груевски или Камчев?

Империјата поделена, осомничените во домашен притвор

Со политичките потреси во земјава и смената на власта, почнува и распадот на пријателството на Мијалков и Камчев. Кавгите почнуваат во октомври 2017, а делбата на бизнисот официјално завршува во јуни 2018 година.

Случајно или не во тој период почнуваат и посебните истражни мерки, а со нив не е опфатен Мијалков. Тој дури помага со неговото влијание во ВМРО-ДПМНЕ да придобие дел од пратениците да гласаат за договорот од Преспа.

Камчев и Мијалков беа уапсени лани во ноември откако Никола Груевски избега од земјава, а по помалку од два месеца беа пуштени во домашен притвор.

Освен нив, во случајот „Империја“ се и Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Се товарат за Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари.

Од СЈО информираат дека се истражува и како од градежната фирма „Бетон Штип“ Јордан осомничените извлекле 4 милиони евра. Истрагата е насочена и кон „ЗИК Пелагонија“, МПМ (Јордан Камчев, Јана Станисављева и Срџан Керим), Графички центар и кон фирмата „Бест веј инвестмент“.