Илјадниците паркинзи го усложнија паркирањето


Седум катни гаражи, околу 10.000 зонски паркинг-места, над 2.000 места за паркирање во т.н. затворени паркиралишта со рампа, уште толку паркинг-простор на приватни субјекти – а паркирањето во Скопје сè уште е тежок, па и скап потфат. Некаде паркирање може да се најде за 30 денари, но најчесто тоа чини 40 или 50 денари само за еден час. Нема ниту гаранции на некои од паркиралиштата дека во случај на оштетување на автомобилот сопственикот ќе биде обесштетен, при што на некои паркинзи има 24-часовен видеонадзор, а на некои воопшто нема безбедносни камери. Згора на сè, во делови од Дебар Маало сè уште има улици на кои не е расчистено кој стопанисува со паркингот, односно кому треба да му се плати. Иако изминуваат речиси 10 години откако функционира зонското паркирање и иако никнуваат катни гаражи како печурки по дожд, паркирањето сè уште е еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Проблеми имаат и тие што стопанисуваат со паркинзите, а ги има неколку.

Колку управувачи, толку политики

ЈП „Градски паркинг“, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и  Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДССДП) стопанисуваат со најголем број паркиралиштата, кои се од неколку типа. Секој од нив има своја политика за паркирањето. И во однос на цените, и во однос на стратегијата за управување со паркинг-просторите, а се разликуваат и во однос на инфраструктурата, бидејќи соодветните закони им го дозволуваат тоа. Законски, тоа го дозволуваат и Законот за локална самоуправа, Законот за Град Скопје, како и Законот за јавни претпријатија.

Меѓу другото, во нив стои дека Град Скопје и општините имаат право „на изградба, одржување и користење на јавни паркиралишта од значење за градот Скопје, утврдени со урбанистички план“, како и дека „општините и градот Скопје основаат јавни претпријатија под услови и начин утврдени со закон“.

Во делови од Дебар Маало сè уште постојат места каде што паркинзите се преклопуваат. Поточно, за една зона за паркирање се плаќа, на пример, на ЈП „ПОЦ“, а може да налета пајак на „Градски паркинг“ доколку паркирањето не е уредно платено. Со таква ситуација се соочил Даниел Николовски од Аеродром.

Договорил службен состанок во кафуле во Дебар Маало. Се паркирал на зонски паркинг обележан од „ПОЦ“ и пратил СМС-порака за да плати за услугата. Кога завршил со состанокот и тргнал накај паркингот, автомобилот не бил таму.

„Од околните кафулиња разбрав дека пајакот бил на терен. Јасно ми беше дека тој ми ја кренал колата, но бев збунет бидејќи уредно пратив СМС-порака. Појдов во пајак-службата и таму буквално се шокирав. По речиси еден час објаснување, заклучив дека двете претпријатија имаат нерасчистени односи за дел од паркинзите во Дебар Маало. Наводно, проблемите за неколку дена ги надминале, односно јасно било дефинирано кој и со кои паркиралишта стопанисува“, ни раскажа Николовски. Според него, зонските паркиралишта го оправдуваат своето постоење, имаат реални цени, но претпријатијата што работат во оваа дејност треба да се усогласени.

Поучен од ситуацијата во која се нашол, Николовски вели дека во иднина најсигурна опција ќе му биде да се паркира во монтажната катна гаража зад „Буњаковец“. „Ем е поевтино, ем знам дека нема да ми дојде пајак и тоа само поради недореченостите меѓу тие што раководат со паркирањето во Дебар Маало“, забележува тој.

Овој пример е само еден од неколкуте што е резултат на преклопувањата на надлежностите во делот за паркирање помеѓу градските и општинските власти, поточно помеѓу градското јавно претпријатие за паркирање „Градски паркинг“ и општинското на Центар, „ПОЦ“.

Се работи на нов концепт и решение

И од ЈП „Градски паркинг“ и ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ се свесни за пропустите, исто како и градскиот татко, кој признава дека во главниот град, особено во централното градско подрачје, постојат проблеми со паркирањето. Петре Шилегов е свесен дека има преклопувања во работата на двете посочени претпријатија, кои имаат најголем број паркинг-места. Иако уште пред преземањето на функцијата вети решавање на проблемите со паркирањето, и по една година на терен нема конкретни резултати. Шилегов тврди дека работи на трајно решавање на проблемот, кој е суштински и комплексен и бара модел кој ќе биде оперативен и функционален по неговата имплементација.

„Скопје има сериозен проблем со паркирањето поради лошиот концепт. Пред сè, има недостаток на околу 8.000 паркинг-места во градот. Сегашното функционирање на паркиралиштата е стихијно, без заедничка политика која би водела кон стимулација на јавниот превоз и дестимулација на користењето автомобили, со што автоматски би се намалила потребата од паркиралишта, а со тоа и турканиците и проблемите. Во моментов, како што се поставени работите, паркирањето нема капацитет да ги задоволи потребите на граѓаните“, оценува скопскиот градоначалник.

Тој тврди дека Градот интензивно работи на промена на концептот на одвивање на сообраќајот, при што се планира поинаков концепт на автобускиот превоз и  дестимулирање на користење автомобили, со што ќе се намали потребата од паркинг-места.

„Паркирањето е комунална дејност која по дефиниција не мора да ја врши Градот или општините. Тоа може да го прават и приватни лица. Поентата ми е дека не мора еден субјект да ја дава услугата, туку неопходна е една единствена политика на стопанисување со паркиралиштата. Сметам дека така ќе се реши сегашната ситуација“, додава Шилегов, кој верува дека веќе в година проблемите со паркирањето од секој аспект ќе бидат минато. Додава дека во моментот кога ќе почне да се реализира трамвајот, Градот ќе започне со имплементација на сосема поинаков сообраќаен режим, при што ќе се намали потребата од паркирање во центарот.

Меѓу другото, градските власти работат на нов сообраќаен режим за „Орце Николов“, а анализираат и прават студија за нов концепт на паркирање во целиот Мал Ринг.

„Не сакам да зборувам пред време, но ве уверувам дека в година ова време паркирањето ќе биде избришано од листата на проблеми со кои се соочуваат граѓаните“, тврди Шилегов.

Дека и по речиси 10 години функционирање на ЈП „Градски паркинг“, има проблеми со паркирањето во градот, односно во центарот, признава и Борче Јакимовски, директор на претпријатието. Според него, има одреден недостиг на паркинг-места, се јавуваат проблеми со преклопувања на надлежности, а истовремено во голем дел проблемите би се намалиле доколку кај граѓаните се зголеми свеста за суштината на паркирањето.

„Со новото решение за ‘Орце Николов’ верувам дека ќе се надминат сите нејасности со паркирањето на две-три локации во Дебар Маало, каде што сега се случуваат преклопувања на улици, односно наши и паркинзи на ЈП ‘ПОЦ’. Од друга страна, сметам дека има дваесетина локации во Центар кои може да се пренаменат во паркиралишта, така што ќе се создаде дополнителен капацитет за паркирање, а со тоа ќе се намали и реалниот проблем од недостиг на паркинг-места, согласно со утврдената потреба врз основа на разни студии, проценки и слично“, вели Јакимовски. Тој е убеден дека генерално проблемите со паркирањето во голема мера би се решиле доколку граѓаните имаат поинаков пристап кон паркирањето.

„Пред сè, граѓаните треба да имаат предвид дека паркирањето не е социјална категорија, како што вели градоначалникот Шилегов, па затоа треба и да е поскапо од сега. Истовремено, треба да се искорени од менталитетот паркирање по секоја цена на чекор до домот, до работата, до конечната дестинација… Тоа лесно може да се реши доколку се сака. Зарем кога одиме во странство паркираме без пари, на чекор до хотелот, на пример, каде што престојуваме“, прашува Јакимовски.

Од ЈП „Градски паркинг“ тврдат дека не гледаат во ЈП „ПОЦ“ ривали туку, напротив, индиректно и соработуваат, со единствена цел паркирањето во Центар да се одвива непречено.

„Градски паркинг“ има 10.000 паркинг-места, а „ПОЦ“ двојно помалку

Во однос на ЈП „ПОЦ“, градското претпријатие за паркирање стопанисува со повеќе паркинг-простор. Под „Градски паркинг“ се две катни гаражи, седум затворени паркиралишта со капацитет од 1.694 места и 5.580 зонски паркиралишта, односно ова претпријатие стопанисува со вкупно 8.324 паркинг-места.

Општинското претпријатие на Центар, пак, ЈП „ПОЦ“, има речиси двојно помалку паркинг-места, односно поседува капацитет за паркирање на 5.173 возила на сите отворени и затворени паркиралишта со кои стопанисува, вклучувајќи ја и катната гаража „Судска палата“. Најголем дел од паркиралиштата се од зонски тип. Нивната цел, како и паркинг-зоните на „Градски паркинг“ имаат за цел овозможување на непрекинато циркулирање на сообраќајот, особено во делот паркирање.

„Континуираното зголемување на метежот во сообраќајот придонесе да се јави потребата од означување на паркинг-простор – зона покрај коловозните ленти и на градските улици. Ваквиот пристап на паркирање овозможи драстично намалување на времето за барање слободно место за паркирање“, е објаснувањето за зонското паркирање.

Но, во практиката работите се поинакви. Паркинг-место во која било зона се бара некогаш и по повеќе од десетина минути. Најголема причина за тоа е недостатокот од паркинг-места во Центар, посочуваат од „ПОЦ“.

„Бројот на активни кориснички договори за повластени паркинг-карти за жителите на општина Центар за прво возило во моментов изнесува 9.203, додека бројот на евидентирани обележани паркинг-места на територијата на општина Центар во наша надлежност изнесува 5.173. Врз основа на овие податоци, во моментов кумулативно во паркинг-зоните недостасуваат 4.030 паркинг-места. Најголем дефицит на паркинг-места има во секторите ‘Дебар Маало’, ‘Буњаковец’, ‘Капиштец’, како и во затворените паркиралишта ‘Дом на градежници’, ‘Аутомакедонија’ и ‘Трготекстил’“, вели Васко Кичевски, директор на ЈП „ПОЦ“. Со цел да се задоволат потребите на жителите, посочува Кичевски, претпријатието заедно со Општина Центар планира да постави нов отворен монтажен паркинг со капацитет од 287 паркинг-места во Дебар Маало зад општината. Планот за монтажниот паркинг веќе е во процедура во Град Скопје и наскоро ќе биде реализиран.

„Исто така, во сектор ‘Дебар Маало’ со реконструкција на улицата ‘Орце Николов’ ќе се добијат нови 80 обележани паркинг-места. Во периодот што следува, во општина Центар ќе се отвори  ново паркиралиште кај ‘Палома бјанка’‚ кое ќе има капацитет за околу 100 нови паркинг-места. Планираме да обезбедиме и дополнителни 200 нови паркинг-места во секторите ‘Пролет’ и ‘Маџир Маало’“, најавува Кичевски.

Седум катни гаражи, но целта не е постигната

Во централното градско подрачје има седум катни гаражи, две на ЈП „Градски паркинг“, една на ЈП „ПОЦ“ и четири на АДССДП. Сите се согласни дека катните гаражи се платени прескапо, но само навидум ја оправдуваат основната цел за нивно постоење. Генерално, капацитетите во сите гаражи од овој тип се исполнети. Но, речиси и да нема простор во нив да се паркира автомобил два или три часа.

Дури 99 отсто од гаражите се користат од страна на лица вработени во правни субјекти. Првичната намена и проценка кога се граделе не биле такви, но, ете, за жал, тој концепт го наследивме од претходните власти. Тие треба да се исполнети со возила што доаѓаат на час, два, три во Центар, е заедничкото мислење и на градската и општинската власт, како и на надлежните од АДССДП.

АДССДП стопанисува со објектот „Разловечко востание“ или попознат како барокната катна гаража кај МЕПСО која има капацитет за 280 возила. Оваа гаража е единствена во Скопје во која возилата до паркинг-местата одат со лифт.

АДССДП стопанисува и со катната гаража „Кресненско востание“ кај Национална опера и балет, која практично е под земја. „Разловечко востание“ спроти ТЦ „Соравија“ со капацитет од 516 места и „Смилевски конгрес“ кај Музејот на Холокаустот со 169 места се исто така во надлежност на АДССДП.

ЈП „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ поседува две катни гаражи, катната гаража „26 Јули“ која располага со 445 паркинг-места и е лоцирана на местото на стариот цветен пазар, во непосредна близина на Музејот на Град Скопје. Втората градска катна гаража е „Беко“, лоцирана е во строгиот центар, во близина на ТЦЦ „Плаза“ и има капацитет од вкупно 605 паркинг-места за возила, како и 120 паркинг-места за велосипеди.

ЈП „ПОЦ“ поседува само една катна гаража, кај Судска палата, која има капацитет за 502 возила. Ова претпријатие е единствено што има и две монтажни катни гаражи – едната во Капиштец со 210 паркинг-места и зад ТЦ „Буњаковец“ која има обележани 110 места за паркирање.

Сања Наумовска