Иванов тактизира, ама нема простор за маневар


Додека собранискиот спикер Талат Џафери е уверен дека претседателот Ѓорѓе Иванов ќе го потпише Законот за амнестија, во вилата на Водно веќе втор ден молк по иницијативата за која се согласија речиси сите поголеми партии во земјава. Оценките во политичките кругови се дека Иванов нема многу простор за маневрирање, затоа што овој пат нема никаков интерес да стави џебно вето, како во случаите за Законот за јазици и за договорот со Грција, а и ВМРО-ДПМНЕ му дава поддршка да стави параф на документите.
Шпекулациите дека претседателот, всушност, купува време додека не заврши целиот случај околу 27 април, со цел да ги спаси своите соработници, па и себеси самиот од одговорност за насилствата во Собранието, не пијат вода. Имено, Иванов, како и двајцата вработени во неговиот кабинет што последните денови од судските рочишта беа посочувани како учесници во заговорот за прогласување воена или вонредна состојба, не учествуваа физички во инцидентите во парламентот. Доколку еден ден истрагата на Обвинителството ја посочи вилата на Водно како дел од организацискиот синџир за насилствата на 27 април, тие не би можеле да се повикаат на Законот за амнестија, затоа што во него не е предвидено помилување за организаторите, насилниците и за полициските службеници што не си ја завршиле совесно својата задача. Со други зборови, Иванов со потпис на Законот не си дава амнестија самиот себеси.
Калајџиев: Не сум сретнал ваква амнестија
Професорката Мира Малеска вели дека според знаците што ги гледа во печатот последните денови, прилично е јасно дека претседателот ќе го потпише спорниот Закон.
„Гледам дека се поздравија со премиерот Зоран Заев и тоа е сигнал оти е можно соработката меѓу претседателот и премиерот да тргне во една понормална насока. Сметам дека донесениот Закон е во интерес и на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што го донесе Иванов во Водно, го одржуваше и чиј должник и заробеник е, така што не гледам простор за отстапки. Што се однесува до другите два закона, кои претседателот не ги потпишува, а тоа се Законот за јазици и договорот со Грција, очекувам Иванов да си остане на своите ставови и да не ги поддржи. Му останува уште малку време до истекот на неговиот мандат, а тој веќе сто пати се изјасни дека се неуставни. Претпоставувам дека ќе продолжи со опструкциите на еден демократски процес, кои нема право да ги прави, но очигледно е оти недостигаат инструменти предвидени со устав за да се покрене негова одговорност“, коментира Малеска за „Независен весник“.
Професорот на Правниот факултет, Гордан Кајалџиев, смета дека самиот Закон за амнестија содржи чудни решенија кои ќе имаат правни последици. Тој вели дека не сретнал ваква амнестија во која што особено е спорно тоа што се вклучуваат и судовите и обвинителството.
„Значи, врз основа на закон што го донело Собрание, по мислење на обвинител, со решение на суд, по барање на обвинетите е едно чудно решение, кое по моја проценка ќе влече на некој начин опашки, правни последици. Мислам дека можеше да се избере поедноставно решение. Очигледно дека предноста ја имаа некои политички причини што повеќе или помалку ѝ се познати на јавноста“, изјави Калајџиев.
Законот има само политички прагматизам
Според него, со Законот се потврдила праксата на мешање на политиката во судството, што е неприфатливо за една правна држава.
„Политичките елити едноставно уште го немаат достигнато тоа ниво на политичка култура да успеат да се воздржат, и наспроти ветувањата што ни ги даваа. Впрочем, претходната власт падна и на тој бран на незадоволство од начинот на кој се практикува владеење на правото, односно владеење на една политичка автократија. Борбата на невладиниот сектор и на сите експерти што за правната држава со политичарите очигледно ќе продолжи на подолг рок додека и самото општество не созрее и со степенот на политичка и правна култура да не дозволува вакви излети каков што е овој последниот со амнестијата кој, да не речам, не е многу подобар од оној со амнестијата и помилувањето на Ѓорге Иванов“, посочи Калајџиев.
Андреј Божиновски, правен советник во Здружението за кривично право, смета дека донесениот Закон за амнестија има правни нелогичности, односно целиот закон е правно нелогичен и содржи конфузни одредби за улогата на судот и на обвинителството.
„Наспроти правната логика која ја нема, Законот има политички прагматизам. Целта на законот е ослободување на македонското политичко општество од стегите на минатото, меѓутоа, правно гледано, Законот нема никаква правна логика“, рече Божиновски.
Дел од експертите изминатиот период бараа да се провери дали е точно дека воената полиција била на готовс да апси пратеници, дали специјалните возила на армијата токму во тој период биле ставени во борбена готовност по многу години хаварисаност и дали дежурствата биле местени за партиски војници. Иванов демантираше било каква инволвираност во случувањата, а во однос на прашањата одговори оти Министерството за одбрана сега е во рацете на новата власт, па лесно би нашле докази против него доколку постоеле. Обвинителката Вилма Русковска рече дека засега не постојат индиции и нови докази дека крвавите случувања биле планирани во кабинетот на претседателот.
Собранието завчера по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.

Горан Адамовски