Зендели: Беса очекува нивните амандмани за Уставот да бидат дел од владиниот предлог


Пратеникот Фадил Зендели од Беса изјави дека тие ќе поднесат четири амандмани на Уставот и тоа бидејќи се отвора преамбулата на Уставот се бара концепт на граѓанска држава, албанскиот јазик да биде рамноправен со македонскиот јазик, државата да се грижи за сите нејзини граѓани во дијаспората, како и тоа претседателот на државата по второто гласање на закон или друг акт во Собранието да нема право на вето, како за Законот за јазици и Договорот од Преспа.

На прашањето дали пратениците од нивната партија ќе ја условуваат Владата со овие амандмани во следните фази од носење на уставните измени, Зендели вели дека тоа нема да се случи бидејќи условувањето не е филозофија на нивната партија.
– Ние се уште немаме предлог од Владата за да можеме да постапиме. Ова се наши предлози, вели пратеникот кој рече дека нивното барање е нивните предлози да бидат прифатени и како предлози од Владата да бидат доставени до Собранието.
Зендели, како што рече, не е склон на условувања во политиката и тоа не е филозофија на Беса.
– Тоа не е речник или филозофија на нашата политичка партија. Ние сметаме дека ова е демократско право и дека со години се наметнува и ја оптоварува политичката сцена и дека во овој момент кога се отвора Уставот би требало да се решат, изјави пратеникот.
Во однос на политичкото помирување, Зендели вели дека пратениците од оваа партија сакаат да придонесат за ова прашање.
– Сметаме дека интеретнички во македонската, па и во албанската заедница, сите треба да најдеме помирување за да придонесеме и да имаме предуслови за нормално политичко и демократско функционирање, рече Зендели, кој нагласи дека е за помирување, но не и за амнестирање и оти сите што се огрешиле пред законот треба да одговараат.