За мамографија или за ехо се чека со месеци


Малигно заболените треба да имаат предност за преглед и лекување. Жени што биле оперирани од канцер на дојка забележуваат дека за термин за мамографија чекаат по три или четири месеци, а има и случаи кои дури една година чекале за ехо. Од Здружението „Борка – за секој нов ден“ бараат од институциите нови иновативни лекови што даваат можност да им се продолжи животот на пациентките со метастатски карцином и да бидат ставени на позитивна листа на лекови. Неопходен е национален регистар на пациенти со канцер и имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот во Македонија. За да се најде решение за проблемите, од Здружението разговарале со Министерството за здравство.

Зорица Аџиевска вели дека двапати досега била оперирана од канцер на дојка. Првпат 1997 година, а вторпат пред три години. Сега треба да оди на преглед, ама вели дека три месеци чека термин за мамографија.

„Треба на седми идниот месец да одам на контрола на Онкологија, меѓутоа три месеци чекам термин за мамографија, тоа е проблем на повеќето жени. Институциите мора да направат поинаков систем“, укажа Аџиевска.

Од канцер на дојка пред 10 години била оперирана и Снежана Стојаноска. Таа вели дека лани не успеала да закаже термин ни за мамографија ни за ехо, не отишла ни на контрола.

„Сега се соочувам со истиот проблем, лани не успеав да закажам термин за мамографија и за ехо. Не отидов ни на контрола. По читање многу книги, го пребродив тој страв, сепак, морам да одам на преглед. Трипати сум оперирана, ама една година не можеш да закажеш термин, па на крај се откажуваш. Сега имам направено мамографија, а ехо не можам да закажам“, вели Стојаноска.

Хемотерапијата и долгото лекување по операциите на двете дојки поради канцер прават и последици, вели Атина Саздова, која била оперирана пред 18 години. Редовно прави контроли и посочува дека не треба да се губи надеж.

„Веднаш кога дознав за својата болест и ми ги направија биопсиите ја оперирав едната дојка, потоа оперирав матка со јајници и другата дојка. За осум месеци имав три операции. Не треба да се губи надеж, секогаш треба да веруваш во себе дека ќе успееш, сепак со помош на лекарите. Малигно заболените треба да имаат предност за преглед и лекувањето. Сите бараме врски, да најдеме некој лекар. Има премалку апарати, премалку доктори, треба да се донесат посовремени лекови, да нема прекин во терапијата при лекување на болеста“, вели Саздова.

Во изминативе десет години бројот на заболени жени од карцином на дојка е двојно зголемен, во 2008 имало шестотини, а сега повеќе од илјада и двесте. Од оваа подмолна болест дневно зболуваат од три до четири жени.

Претседателката на Здружението „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева, рече дека од минатата година започната е континуирана достапност за една од терапиите, а тоа е терапија за рак на дојка за прв, втор стадиум.

„Нашите заеднички напори се да нема прекин, да не стравуваат пациентите дали ќе имаат или немаат терапија. Летово ни се јавуваа многу пациентки што не можат, односно чекаат многу долго за прегледот. ‘Борка’ реагираше во Министерството за здравство и веќе се прават напори преку ‘Мој термин’ на некаков начин да се изнајде решение пациентите со малигни заболувања, кои мораат да ги прават тие прегледи, пред да отидат на контрола за болеста да имаат предност да не чекаат толку долго, а се чека три-четири месеци“, рече Додева.

Ракот на дојка може успешно да се излекува ако се открие во ран стадиум. Важни за тоа се информирањето и едукацијата, кои треба да почнат од најмала возраст. Периодот што ќе следува од Здружението велат дека ќе го посветат на едукација на учениците во 36 средни училишта низ земјава. Ќе бидат запознаени за симптомите, начините на превенција и како да си го сочуваат сопственото здравје.

 

Вероника Мароска-Леова