За договорот со Грција ќе гласаме на 30 септември


Референдумот за договорот со Грција околу името ќе биде распишан во понеделник. Првичната идеја тој да биде закажан утре, пропадна поради обврски на членови на парламентарното мнозинство, како и за да се остави простор за договор меѓу политичките субјекти во земјава. Сепак, според нашите информации, во моментов нема иницијатива за нова лидерска средба, иако тимовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се во редовна комуникација. Доколку референдумот биде закажан во понеделник, тогаш ќе се исполни желбата на владата: тој да се одржи на 30 септември. Власта е расположена и за 7 или 14 октомври, но само доколку тоа значи договор со ВМРО-ДПМНЕ, а подготвена е да излезе на терен и без учество на опозицијата. Доколку се оди според очекувањата на владата, кон крајот на јануари или најдоцна во февруари ќе биде целосно ратификувана спогодбата со Грција, со што завшрува нашиот дел од обврските и на ред ќе биде владата во Атина.

Во врска со референдумското прашање, премиерот Зоран Заев ја наведе како можна формулацијата: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“. Според наши информации, во текот на консултациите со опозицијата, владејачките партии се подготвени на одредени модификации на прашањето, но не и на отстапки во однос на укажувањето дека со договорот со Грција се деблокираат интеграциските процеси на земјава. Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ посакува референдумско прашање кое ќе се однесува исклучиво на договорот за името.