Затворениците на нозе – и тие сакаат „помирување“


Сите сакаат да се качат на кајчето и да „извеслаат“ амнестија во ситуација на неверојатни политичко-правни акробации со кои треба да се плати цената за евроатлантските интеграции, односно да се најде некаков компромис помеѓу тоа што се нарекува одговорност на поединци за 27 април и интеграција на државата во НАТО и ЕУ.

Повеќе од 600 затвореници кои одлежуваат казна во затворот „Идризово“ од вчера штрајкуваат со глад, незадоволни од тоа што нема да бидат опфатени со законот за амнестија што го подготвува собраниската група за помирување која си остави дополнителен простор за финализација на законското решение.

„Почнуваме со дводневен предупредувачки штрајк со глад бидејќи, и покрај сите барања до Владата и премиерот, досега не добивме одговор во врска со законот за амнестија кој е во најава“, пишува во писмото испратено до директорот на „Идризово“, Боби Мојсоски, кој ја потврди новонастанатата ситуација.

Станува збор за барање за амнестија, кое во вид на петиција дел од осудениците ја испратиле пред две недели до Владата, Министерството за правда и претседателот на Собранието. Осудениците бараат закон за општа амнестија за сите дела што ги дозволува Уставот, а на осудениците на доживотен затвор казните да им бидат преиначени во затворски казни на одреден број години. Ако за два дена не добијат одговор од Владата и од работното тело за помирување, најавија дека ќе продолжат со штрајкот и ќе организираат мирни протести пред Владата.

Не помина долго од најавата за нивниот штрајк, затворениците добија „воспитна“ од премиерот Зоран Заев.

„Во наредниот период не се планира носење закон за општа амнестија. Се разговара само за амнестија за настаните од 27 април во Собранието, од која ќе бидат исклучени оние што учествувале во насилството, ги организирале и ги осмислиле грозоморните настани“, рече Заев. Тој потврди дека добил писмо од осудениците од Затворот во Идризово, но дека пред неколку месеци веќе бил донесен Закон за општа амнестија.

„Не може ниту една современа држава на секои шест или девет месеци да носи закон за амнестија. Праксата во светот е општи закони за амнестија да се носат на секое четири до осум години. Така што 30 отсто од тоа што е дозволиво да се амнестира насекаде во Европа беше дозволено и во Македонија“, рече Заев.

Законот за амнестија беше донесен на почетокот на годинава. Со него целосно ослободување од затвор добија над 800 лица со правосилна пресуда, додека намалувањето на казната за 30 проценти опфати над три илјади осуденици. Законот не предвидуваше амнестија за сторителите на убиство, кривични дела за силување, избори, кривични дела против државата…

Информацијата за штрајкот на затворениците ги затекна членовите на работната група токму на состанок на кој, според првичните најави, требаше да ја претстават нацрт-верзијата на законот за амнестија за 27 април. Состанокот траеше помалку од еден час, а како што ни изјавија дел од членовите, од кратката дискусија произлегле некои нови предлози.

„Двете копретседателки, Фросина Ременски и Емилија Александрова, се на службено патување во Брисел. Одлучивме да ги почекаме да се вратат, па да го финализираме законското решение со доработка на идеите“, ни изјави вчера Нола Исмајловска-Старова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неофицијални информации, и вчера се појавиле нови дилеми околу правните квалификации кои треба дополнително да бидат разгледани во пратеничките групи, пред денешниот или евентуално утрешниот нов состанок на работната група.

Сакала или не, таа ќе мора да заврши со процесот на „помирување“ до 9 јануари за кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја закажа седницата за амандманите на Уставот. Според него, процесот би требало да заврши до 15 јануари, кога за оваа конечна фаза ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Засега никој точно не знае како ќе биде направена јасна правна дистинкција меѓу оние што извршиле насилство и оние што само учествувале во настаните „понесени од атмосферата“. Она, пак, што е јасно, според дел од правните експерти, е дека правдата ќе биде жртва. Прашање е само колкава ќе биде таа. Кривично-правно третирано, како што велат познавачите, сите што влегле извршиле некое казниво дело, но сега селективноста треба да се движи кон оние што извршиле кривично дело од кое има реална последица, како нанесување тешки телесни повреди и некои други кривични дела што се опфатени во обвинението.

Амнестија не е правда, вакво мислење изразија и учесниците на вчерашната дебата на Институтот за општествени и хуманистички науки кои се повикуваа на резултатите од анкетите во кои граѓаните во мнозинство се против амнестирање за „крвавиот четврток“.

Експратеникот и потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев, најави дека Институтот подготвува обемна анализа за најавениот процес за помирување со наслов: „Како да се помириме без да се доомразиме“.

„Немаме големи ломови во општеството, се претпоставува дека големи групации од граѓаните на завојуваните и поларизираните страни можеби не мислат дека треба да се помируваат“, рече Георгиев, според кого, идејата на владејачките елити е амнестијата да се претстави како помирување. (Н.К.)