Законот за јазиците се врати на дневен ред


Предлог-законот за употреба на јазиците се врати во собраниската агенда.

Комисијата за европски прашања во парламентот треба да ја почне утре амандманската расправа за овој закон – кој е дел од коалицискиот договор меѓу владејачките СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Со тоа почнува последната фаза од собраниската процедура за регулативата за која опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе повеќе од 80 амандмани. Сепак, учеството на ВМРО-ДПМНЕ во престојната комисиска расправа е неизвесно, со оглед на тоа што оваа партија веже неколку седмици не учествува во работата на законодавниот дом, по приведувањето на нејзини членови и поддржувачу за настаните на 27 април.

Предлагач на законот е Владата и тој се носи со европско знаменце, така што негова матична комисија е таа за европски прашања. Претседателот на ова тело Артан Груби од ДУИ, пред неколку седмици, го одложи почетокот на амандманската расправа. Претходно, еврокомесарто Јоханес Хан изјави дека законот на јазиците не е приоритет, туку дека владејачката гарнитура треба да се концентрира на реформите.