Заев ќе оди на избори само ако му се приближи Мицкоски


Во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема голема возбуда по фрлената ракавица од опозицијата за свикување вонредни парламентарни избори што би се одржале во април идната година, заедно со претседателските. Сметаат дека во моментов се во комотна позиција кога е во прашање партискиот рејтинг, како и на лидерот и премиерот Зоран Заев, поради што фокусот е ставен кон решавање на спорот за името со Грција, влез во НАТО и добивање датум за преговори за членство во Европската Унија, а потоа и кон решавање на натрупаните економски проблеми. За избори, барем во моментов, не се размислува, дури не би се споиле ниту со евентуалниот референдум за името најавен за наесен.

Заев е против одржување предвремени парламентарни избори, освен доколку има навистина потреба од тоа. Секоја влада заслужува да го истера мандатот, да има доволно време да го сработи ветеното, а потоа народот нека одлучи дали работела добро или не. Никој друг освен Никола Груевски не правеше избори по избори само за да добие поголем број пратеници и да добие повеќе време на власт. Знаете дека со месеци и месеци траеше процесот на формирање влада и , по сите перипетии со ДУИ, со другите албански партии и ветото на Ѓорѓе Иванов би било несериозно толку лесно да се откажеме од неа. Плус тоа, деновиве беше извршена реконструкција на владината коалиција, се донесоа непопуларни потези само за да се прошири мнозинството, така што сето тоа говори дека избори нема да има“, велат извори од СДСМ.

Чувствителните преговори со Грција и задирањето во македонскиот национален идентитет се одразува и во перцепцијата на граѓаните, поради што постојат шпекулации дека СДСМ ќе се обиде да го материјализира евентуалниот компромис со јужниот сосед, односно пробивот кон евроатлантскиот простор со свикување брзи избори и нов мандат.

Не. Како прво, прашање е дали воопшто ќе има договор и, уште поважно, каков ќе биде. Доколку дојдеме до решение, добиваме членство во НАТО, почеток за договори, но доколку не им се допадне на мнозинството граѓани, тогаш ние губиме. Поради тоа, многу внимаваме што и како ќе биде договорено, оти најпрво ќе излеземе на референдум. Таму ќе се види како стоиме, што сме направиле, дали граѓаните се за или против. Референдумот ќе биде изјаснување на граѓаните и за политиките што ги водиме во целина. Да не заборавиме дека во кампањата за референдумот ќе доминира патриотска или националистичка реторика, па ќе има сензивирање на десното ткиво во земјава. Поради тоа, избори не планираме наесен, и да има и да нема договор за името со Грција“, тврди висок функционер во СДСМ.

Барањата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување предвремени парламентарни избори ги оценуваат како легитимни, оти нормално е за секоја опозиција да го прави тоа. Во СДСМ велат дека така се подгрева атмосферата кај членството зашто ако на своите им кажеш оти четири години ќе минеш во опозиција и нема ништо да правиш, ќе предизвикаш демотивираност и апатија.

Нема никаков договор со Мицкоски, со ВМРО-ДПМНЕ или со странскиот фактор за одржување избори наредната година, а дотогаш демек ние на дело, а тие со премолчување ќе ги завршиме клучните процеси за Македонија и менување на името. Да бидеме искрени, има и кај нас во партијата одредени размислувања да се оди на предвремени избори заедно со претседателските од две причини: првата е да се скратат трошоците, а втората е што редовните парламентарни избори се на есен 2020 година, значи само една и пол година по претседателските. Од тој аспект, би можело да се оди на предвремени избори. Но, сѐ ќе зависи од рејтинзите. Во моментов, не постои анкета, па дури и направена по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ каде што тие водат. Не само што не водат, туку не се ни блиску до нас. Затоа, нема потреба од форсирање избори токму сега. Свесни сме дека лани на локалните избори го досегнавме плафонот и тешко би оделе над тие бројки, но не очекуваме работите да се сменат драстично во догледно време, освен доколку не направиме некоја катастрофална грешка и не им паднеме на волеј на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа би можело да биде со евентуален штетен договор со Грција. Е, доколку се случи некој таков потег и нашиот рејтинг почне драматично да паѓа, а да расте на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно би излегле на избори. Ќе гледаме да не ни се случи грешката од 2005 година кога добивме кандидатски статус за ЕУ, а во тие моменти имавме предност од еден-два отсто во споредба со ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски и место да одиме на предвремени избори, почекавме да дојдат редовните и изгубивме“, коментираат во СДСМ.

На саботниот митинг на опозицијата пред седиштето на владата во Скопје, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските идната година, еднаков терен за сите политички партии, претседател на ДИК на предлог на опозицијата, формирање техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, исто како што беше во 2016 година кога, како што кажа, СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев ги изгубија изборите.

Ќе победиме, ви се колнам, Македонија ќе победи“, извика Мицкоски пред насобраниот народ.Половина час подоцна, доби одговор од конкурентите дека блефирал соочен со слабиот рејтинг и немањето поддршка од граѓаните.

Не е лесно да го следиш Груевски во време кога СДСМ добива огромна поддршка на локални избори со освоени 57 градоначалници. Денес, СДСМ е фаворит на какви било избори, а тоа го покажуваат и сите релевантни истражувања на јавното мислење. Поддршката на граѓаните е силно изразена за владејачкото мнозинство, за СДСМ, и за претседателот Зоран Заев. СДСМ ја доби довербата од граѓаните и се фати за работа. Владата што ја предводи СДСМ се определи за реформи кои Македонија ја движат напред. После изгубени 11 години, Македонија нема време за губење“, рекоа од СДСМ.

Во Македонија досега се одржани девет парламентарни избори, од кои пет редовни (1990, 1994, 1998, 2002 и 2006 година) и четири предвремени (2008, 2011, 2014 и 2016 година). Интересно, сите предвремени избори се одржаа во времето на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски како премиер.

На „Бихаќска“ не им се зборува за Шилегов

Во СДСМ одбиваат да ја коментираат фејсбук-објавата на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој веднаш по митингот на опозицијата пред седиштето на Владата објави фотографии пред и по протестот, под кои напиша: „Го исчистивме ѓубрето, како и секогаш“. Сметаат дека активностите на социјалните мрежи на нивните членови не мора да ги коментираат. Граѓаните, пак, се уверени дека градскиот татко претерал и непотребно ги навреди илјадниците сограѓани, па нека се и членови и симпатизери на конкурентската политичка партија.

Горан Адамовски