Заев: Подготвен сум да ја платам цената


Четиринаесетминутниот говор на премиерот Зоран Заев, во кој апелираше за амнестија и помирување меѓу политичките партии за насилствата од 27 април, го засени првиот ден од вчерашната расправа во Собранието каде единствена точка на дневниот ред беа уставните измени по договорот со Грција. Тој рече дека тежината на историската одлука и на одговорноста лежи врз плеќите на сите, но оти сега најголемата одговорност е во рацете на пратениците. Ги повика сите што имаат дилеми да гласаат за уставните измени, затоа што изолацијата и неизвесноста не можат да бидат избор. Побара политичките разлики и делби да бидат оставени надвор од законодавниот дом и пратениците да ја следат волјата на народот за подобар живот. Потенцира дека изминативе години премногу сме се поделиле политички, сме се закрвариле, омразиле, брат со брат не зборува поради тие „пусти политички партии“, нагласувајќи дека ова е одличен момент за помирување на пратениците и политичките партии за поделбите, кои кулминираа со насилството во парламентот од 27 април.
„Ќе се испоубиевме пред очите на сите. Испраќам порака на помирување и простување за 27 април и настаните што се случија. Застанувајќи заедно зад Македонија сега, е прилика да си простиме и да се помириме. Потребни сме и на државата. Десната страна да подаде рака на левата страна, левата на десната страна. Тоа има цена, политичка е и јас сум подготвен да ја платам. Политичарите заминуваат, но народот нема да ни се помири, ако ние не се помириме заради иднината, стратешките цели на државата, нашиот народ и затоа да се издигнеме над предрасудите“, изјави премиерот.
Тој дополни дека владата е подготвена да биде максимално отворена за предлози од опозицијата, за амандманите и за прифаќање амандмани кои што ги намалуваат грижите на пратениците, а во исто време не се противат на духот на договорот од Преспа.

Јанушев: Политички прогон за тргување
Пет часа требаше да минат за да добие одговор. ВМРО-ДПМНЕ ја одби понудата со образложение дека „27 април“ е политички фабрикуван случај и е наменет за политички притисоци.
„Педесетина луѓе со месеци се предмет на политички прогон, со цел Зоран Заев да може да тргува со нивната слобода, а за возрат да бара поддршка на договорот со Грција за преименување на Македонија. Со месеци луѓе се држат во притвор, пратеници, уметници, обични граѓани беа жигосувани за терористи, невини луѓе станаа жртва на прогонот на Заев. Ова јасно покажува дека власта не само за 27 април, туку и за други случаи против луѓе од ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка само за да тргува подоцна со нивната слобода“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
Според него, на овие луѓе им е потребна правда, а не политички монтирани случаи. Бара Заев да им се извини на семејствата кои се под политички прогон режиран од власта.
„Само така ќе има помирување. Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде има сомнеж за нарушување на законот. И која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите“, потенцира Јанушев.

Седницата доцнеше, Груевски на време
Цели четириесет и пет минути доцнеше почетокот на седницата, па дури и експретседателот на владата, Никола Груевски имаше време да дојде од судење и да биде еден од првите пратеници што влегоа во собраниската сала. Претходно, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше на едночасовна координација во седиштето на партијата, на која било договорено како ќе се делува на седницата, односно ќе се присуствува во дебатниот дел, кој ќе трае со денови, а ќе се излезе кога ќе дојде до гласање.
Штом парламентарниот спикер, Талат Џафери го прочита дневниот ред со само една точка: менување на уставот, Илија Димовски побара точката да биде укината, бидејќи овој собраниски состав нема мандат да менува име, имајќи предвид оти пратениците биле гласани со други програми, а референдумот бил неуспешен. Неговиот предлог беше надгласан од мнозинството (67 – 39), но веднаш се виде дека вмровските пратеници се усогласени и тешко може да се насети пресврт.
Груевски немаше шанса во живо да ја слушне понудата од Заев, затоа што кратко време откако почна говорот тој излезе од салата, покажувајќи оти има важен телефонски разговор. Се врати за еден час. За тоа време, и другите пратеници од опозицијата излегуваа од салата, па така на пример, говорите на Артан Груби и на Весел Мемеди ги слушна само Драган Данев. Реплики немаше.
Затоа, атмосферата се вжешти додека зборуваше Павле Богоевски, кој им посочи на опозициските пратеници дека се против договорот само од причина што тие не го решиле спорот, додека Горан Мисовски им порача на пратениците до ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за договорот, затоа што лидерот Христијан Мицкоски води лична битка, а ако дојде до избори ќе си постави целосно свои луѓе што ќе може да ги контролира во секој момент.
„Не е важно дали ќе има избори, не сме важни ниту јас, ниту вие. Ако сакате избори – закажете ги, имате 61 пратеник. Но, не можете одговорноста да ја ставите врз опозицијата од три причини: прво, преговорите ги водевте без да ја вклучите опозицијата. Второ – договорот со Грција прво го потпишавте, па ја повикавте опозицијата, а со договорот со Бугарија беше обратно. И трето, сами го формиравте прашањето за референдумот и самите го прогласивте за консултативен. Не сакам да верувам дека било каков политички договор е прашање на живот и на смрт. Имаме алтернатива, Македонија да склучи договори со ЕУ и со НАТО, со кои ги преземаме правата и обврските минус правото да гласаме“, зборуваше Димовски.

Груби: Не се затскривајте зад народот, поведете го
Самка Ибраимовски на грчки јазик му се заблагодари на премиерот Алексис Ципрас што покажал сенс, додека Мемеди истакна оти Македонија доцни три децении, а со натамошното пролонгирање цената ќе биде уште поголема. Томислав Тунтев порача дека сиве овие 27 години сме биле свесни оти еден ден ќе се реши спорот, а сега кога дошол тој ден – да не бегаме од одговорност и да ја внесеме Македонија во ЕУ и во НАТО.
„Немојте да се скривате зад народот, туку предводете го. Не бидете статисти, туку протагонисти. Не мислите за следните избори, туку за следните генерации“, рече Груби.
На седницата за говор се пријавени 67 пратеници, кои имаат право да зборуваат по 20 минути, па потоа реплики од по три минути, што значи дека расправата ќе трае со денови, но не повеќе од десет дена. Доколку не биде обезбедено двотретинско мнозинство, договорот од Преспа пропаѓа и веројатно ќе бидат распишани брзи избори.

Ферид Мухиќ се премисли
Пратеникот од владеачката коалиција, Ферид Мухиќ го промени ставот и ќе гласа за уставните измени во Собранието. Тој вчера од собраниската седница порача дека изминатиов период многу работи што не му биле јасни во договорот му се разјасниле и, иако останува на своето приватно уверување оти не требало воопшто да се преговара за името на државата, поради одговорноста што ја носи мора да гледа напред.
„Договорот е лош и тука нема дилеми, но не можеше да има подобар. Кога веќе преговарате, самите се доведувате во ситуација да дадете отстапки. На граѓаните веќе им е преку глава. Ако одам во смрт, не можам со себе да поведам 20.000 граѓани колку што тежи секој пратеник. Затоа со гордост ќе го поддржам договорот“, рече Мухиќ.
„За“ уставните измени се очекува да гласа и пратеничката Лилјана Поповска. Деновиве имаше шпекуалции дека е можно претседателката на ДОМ да ги поддржи уставните измени затоа што не присуствуваше на гласањето во Уставната комисија. Поповска вчера не одговараше на телефонските повици, ама беше присутна во парламентот. Присуствувала и на координативниот состанок на пратеничката група на СДСМ и на коалицијата. Претходно се изјаснила дека го поддржува договорот.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски