Заев-Могерини: Поддршка од ЕК за организирање успешен референдум
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, како дел од своите активности за време на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, се сретна и со високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.
Владината прес-служба соопшти дека на средбата на која присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, премиерот Заев информирал за претстојните подготовки за организирање и за спроведување на референдумот за Договорот со Република Грција.
Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ ја искористила можноста лично да му честита на премиерот Заев за одлуката на Европскиот Совет да одреди датум за отворање на преговорите во делот за поглавјата за членство во ЕУ, и уште еднаш ги истакнала резултатите од реформските процеси и храбрата одлука за постигнување на Договор со Грција.
Таа истакнала дека Европската комисија останува со целосна посветеност во поддршката за нашата земја во новата фаза на реформите, како и во поддршката за организирање успешен референдум во интерес на граѓаните на Република Македонија.