Заев им се заблагодари на Касами, Села и Панче Минов


Премиерот Зоран Заев им се заблагодари на своите коалициски партнери во владата што работеле на постигнување на договорот со Грција (ДУИ, ЛДП, ДПА, Беса на Африм Гаши), а ги спомна и независните пратеници (исклучените од ВМРО-ДПМНЕ), Алијансата на Зијадин Села, Беса на Билал Касами, како и на пратеникот од опозицијата, Панче Минов што активно учествувале во подготовка на амандманите. Тоа се протолкува како благодарност до партиите, чии пратеници ќе гласаат „за“, но Заев напомена оти допрва очекувал договор со двајцата пратеници на Касами.

Од собраниската говорница повтори дека со договорот од Преспа е зачуван македонскиот јазик и идентитет, а ратификација на спогодбата ќе значи наше членство во НАТО за помалку од една година, како и приближување до ЕУ.

„Во спротивно, се соочуваме со изолација, несигурност и криза каква што не се памети“, посочи премиерот во својот десетминутен говор.

Тој побара пратениците да донесат историска и патриотска одлука, потенцирајќи оти склучувањето договор барало храброст и одважност, но друг избор сме немале, бидејќи спорот ќе траел до недоглед и тоа на наша штета.

„Да ги отфрлиме ѕидовите на изолација, сите наши пријатели и партнери од светот не поддржуваат во тоа“, заклучи првиот човек на владата.

Седницата продолжува утре во 13 часот.