Заев – Галовеј: Потврдена поддршката од Обединетото Кралство за Преспанскиот договор
Како што соопшти владината прес-служба, двајцата на средбата констатирале дека двотретинското мнозинство во Собранието за Предлогот на пристапување кон уставните промени покажа дека е можно пратениците од власта и од опозицијата да работат заедно кога станува збор за клучните прашања за граѓаните и за државата, како што се интеграциите и реформите. Соговорниците изразиле поддршка за зајакнување на консензусот во Парламентот за прашања од државен интерес.
– Ќе продолжиме во позитивна атмосфера, низ конструктивност и инклузивност, со пратениците во Парламентот, да работиме на нацрт уставните амандмани. Забелешките на пратениците од опозицијата кои дадоа поддршка на евро-атлантскиот интеграциски процес на Македонија, во врска со содржината на амандманите, се во духот на Договорот од Преспа. Исто така постои свест за значењето на помирувањето, кое што е неопходно, за да продолжат уште поактивно реформските процеси, важни за евро-атлантските интеграции, но и за економскиот развој на државата, рече премиерот Заев, се наведува во соопштението.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, се додава, во врска со реформите соопштил дека фокусот е на втората фаза од судските реформи, на антикорупциските закони, на реформите на УБК, на јавната администрација.
Амбасадорката Галовеј соопшти дека Обединетото Кралство активно ја следи политичката ситуација во Македонија и дека дава принципиелна поддршка на помирувањето, кое што е важно за интеграциите на Македонија, а со тоа и за стабилноста на целиот регион, стои во соопштението.