Заглавена реформата на МРТ: Добро утро, министре Манчевски


Подолго од една година од смената на власта и речиси два и пол месеци откако почна амандманската расправа за новиот закон за медиуми, двајца надлежни министри на СДСМ се огласија со дијагноза за МРТ. Според нив, реформата на јавниот сервис е заглавена и тој функционира исто како и во деновите кога беше критикуван од поранешната опозиција за необјективност и пристрасност кон ВМРО-ДПМНЕ. Министерот без ресор Роберт Поповски посочи дека опозицијата во континуитет го блокира носењето на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со што го кочи суштинскиот почеток на реформите во медиумската сфера во Македонија.
– Тоа е многу видливо во собраниската Комисија за транспорт и врски, каде што претседавачот е од ВМРО-ДПМНЕ. Законот е буквално закочен. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во ниту една од серијата дебати. Откако тој помина на Влада и беше испратен во Собранието, тие доставија околу 70 амандмани, по што на секое ново заседание на Комисијата бесконечно се дебатира за само еден амандман. Со тоа се остава впечаток дека сакаат да го блокираат законот и да ја задржат оваа статус кво ситуација или да се пазарат за тоа кои членови да бидат именувани во Советот на МРТ – изјави Поповски. Тој рече дека „пазар“ не доаѓа предвид и дека ова е последна и единствена шанса вистинските професионалци да бидат избрани во советите, органите и телата, меѓу кои е и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги.
– ВМРО-ДПМНЕ во континуитет покажува неодговорност кон состојбите во општеството. Од тие причини ја повикуваме медиумската заедница да се мобилизира и да помогне со притисок за донесување на законот – истакна Поповски.
Неговата реакција уследи откако претходно министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, во чиј ресор се подготвуваше законот за медиуми, се јави со остра критика за МРТ на својот твитер-профил.
– Првпат откако сум министер, јавно ќе кажам мое лично мислење. МРТВ е срам, дно и целосно под политичка контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија нема јавен сервис на граѓаните – напиша Манчевски.


Пред стартот на амандманската расправа за законот за медиуми, Манчевски, во интервју за „Независен весник“ посочи дека со претстојната реформа на МРТ ќе се испрати порака дека власта ги трга рацете од МРТ и од Агенцијата за медиуми.
– Не треба Владата или министерот за информатичко општество да се мешаат во реформата во МРТ. Создаваме простор за професионалците и за луѓето од фелата да си ги заземат местата и во Агенцијата за медиуми и во Програмскиот совет на МРТ, во јавна, транспарентна процедура за избор со двотретинско мнозинство во парламентот – изјави Манчевски.
Оттогаш поминаа повеќе од два месеца, а собраниската Комисија за транспорт и врски, со која претседава Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ, едвај да помина неколку амандмани, со оглед на тоа што нејзините заседанија се одржуваат најмногу еднаш седмично и на секоја седница се разгледува само по еден амандман. Поради тоа, во една пригода од СДСМ забележаа дека со вакво темпо расправата би завршила за две и пол години.
Иако првично се разгледуваше можноста овој закон да оди во собраниска процедура со европско знаме, така што расправата за него ќе можеше да се води и во Комисијата за европски прашања и амандманите да се разгледуваат максимум три дена, на крај Владата реши да не ја третира оваа регулатива како произлезена од европските директиви, со оглед на потребата таа да биде донесена во консензус со опозицијата. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, ги отфрли вчера тврдењата дека опозициските пратеници го блокираат носењето на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Наспроти тоа, Данев обвини дека СДСМ сака да го протурка на сила законот во Собранието.
– ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го блокира законот за кој беше најавувано дека ќе се носи консензуално. Но, гледаме дека СДСМ сака да го протурка на сила во Собранието – рече Данев.
Во однос на менувањето на првиот човек и членовите на Агенцијата за медиуми, Данев рече дека тие како и членовите на други регулаторни тела не треба да се менуваат со закон и дека тоа е лоша пракса во Македонија. Предлог-законот за медиуми предвидува по неговото стапување во сила да бидат избрани нови раководства на МРТ и на Агенцијата за медиуми, според други, многу позасилени критериуми. Тука, според информациите, е најголемиот спор меѓу власта и опозицијата, која бара досегашните носители на овие функции да ги завршат до крај мандатите. Додека се чека новиот закон, Зоран Трајчевски и натаму е на чело на Агенцијата за медиуми. На функцијата останува и стариот директор на МРТ, Марјан Цветковски. Единствената новина, според информациите, е изборот на нов главен уредник на Македонската телевизија. На тоа место е назначена Анета Андоновска откако пред неколку месеци оставка поднесе Диме Ратајковски. Во февруари годинава, Цветковски беше реизбран за директор на МРТ, откако претходно шест години директоруваше исто така со јавниот сервис. Здружението на новинари на Македонија тогаш реагираше дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски во оваа тело се избрани спротивно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции не можат да бидат избрани за членови на Програмски совет. Од ЗНМ бараа парламентот да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ поранешните пратенички на ВМРО-ДПМНЕ, Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешниот амбасадор Агим Лека и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Општина Бутел. Во меѓувреме, МВР поднесе кривична пријава против Цветковски, под сомнение дека во 2016 година ја злоупотребил службената положба при спроведување јавна набавка за електронско мерење на ТВ-аудиториум.
Раководството на МРТ, во претходните години, беше многу критикувано за необјективност и за пристрасност кон поранешната владејачка гарнитура. Поради тоа, граѓански активисти со месеци одржуваа протести пред зградата на јавниот сервис, а пред предвремените избори во 2016 година, како резултат на политички договор, беше именуван времен уредник на информативната програма на телевизијата, на предлог на тогаш опозицискиот СДСМ. Но, и покрај тоа Советот на јавниот сервис, чии членови беа избрани од претходното парламентарно мнозинство, му доверија пред неколку месеци уште еден директорски мандат на Цветковски, што предизвика многу реакции во јавноста, па и сомневања за пазар меѓу владејачките партии и опозицијата.  Александра М. Митевска