Ефектот „Македонија“ ќе ги подобри грчките надежи за олеснување на долгот


Постигнатиот договор за името меѓу Македонија и Грција би можел да му помогне на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, да добие подобри услови за олеснувањето на грчкиот долг,  пишуваат британски медиуми.

Состанокот на Еврогрупата е закажан за 21 јуни во Брисел, кога Грција се надева почне да излегува од програмите за спасување, во кои е заглавена веќе осум години.

–  Се надевам, бидејќи вчера имавме успех (за договорот за името, нз), дека истото ќе го имаме и следната недела, можеби најклучната за земјата после осум тешки години, изјави неодамна Алексис Ципрас.

Дипломатски извори за британски медиум велат дека договорот за името никогаш не бил поврзан со програмите за спасување на Грција, но дека може, сепак, позитивно да влијае врз моралот на владата.

– Не може да се исклучи дека ќе има позитивен импакт, бидејќи Грција се покажа како сила која решава наместо да создава проблеми, изјави грчки владин извор, но, негира дека на било каков начин прашањето било поврзано со преговорите со Македонија.

По состанокот на Еврогрупата се очекува Атина да добие последен заем од 20 милијарди евра, кој ќе служи за отплаќање на стекнатите долгови и треба да ја покрие Грција во наредните месеци доколку пристапот до пазарите се искомплицира.

Дури и ако се постине договор за излез од европскиот строг мониторинг врз грчките финансии на 21 јуни, јавните финансии на земјата и натаму ќе останат под надзор, најверојатно четири пати годишно. А, доколку Атина престане да ги спроведува реформите договорени за време на плановите за спасување, се очекува Еврогрупата веднаш да и ги суспендира олеснувањата на долгот.

Ципрас веќе најави дека нема намера да ги зголеми намалените пензии, но постои сомнеж дека размислува за покачување на минималната плата, нешто што тој ќе мора да го дискутира со неговите европски партнери.

Од почетокот на „спасувањето“ на Грција, земјата има добиено 300 милијарди евра, но и строги реформски услови од страна на ЕУ, како ниедна земја досега.