Евростат: Жените во ЕУ го раѓаат првото дете во просек на 29 години


Наталитетот во Европската Унија бележи мал пад во 2017, во споредба со претходната година, при што највисока е стапката во Франција, а најниска во Малта, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вкупната стапка на прираст во ЕУ била 1,59 раѓања по жена во 2017 и 1,60 во 2016 година, додека возраста на мајките при раѓањето на првото дете продолжува бавно, но сигурно да расте, констатира Евростат. Во 2017, жените во ЕУ во просек го раѓале првото дете на 29,1 година, додека во 2013-та на 28,7 години.

Најдоцна раѓааат жените во Италија, Шпанија, Луксембург, Грција и Ирска, а најрано во Бугарија, Романија, Летонија, Словачка и Полска.

Највисоката стапка на раѓање и натаму имаат француските мајки со 1,90 деца по жена, по што следуваат Шведска, Ирска и Данска. Најмалку деца раѓаат жените во Малта, Шпанија, Италија и Кипар.

Во просек во ЕУ, стапката на жени кои го родиле своето прво дете пред дваесетта година (мајки тинејџерки) изнесува пет отсто. Меѓутоа, оваа бројка е многу повисока во Бугарија и Романија, каде достигнува речиси 14 отсто. Најниска е во Данска, Италија и Словенија, каде е помала од два отсто.

Евростат посочува и дека во 2017 година, над 80 отсто од новороденчињата биле прво или второ дете, додека пак 12 отсто биле трето дете. Највисока стапка на жени кои родиле трето или четврто дете има Финска со 10,3 отсто, потоа Ирска со девет проценти, па Велика Британија, Словачка и Белгија, сите со по околу осум отсто.