Европратениците се извинија за именувањето на Македонците во писмото како Северномакедонци


Европратениците кои во писмото за датум на преговори  граѓаните на Македонија ги нарекоа Северни Македонци, денеска се извинија и рекоа дека тоа било од незнаење.

„Многу ми е жал, но на политичарите понекогаш им треба време за да научат. Македонците се Македонци, а не Северномакедонци. Нема да се повтори! Веќе е променето во официјалниот имејл до претседателот Туск“, одговори на забелешките германскиот европарламентарец Кнут Флекенштајн, потписник на писмото до Доналд Туск во кое се бара интеграција на земјите на Западен Балкан во ЕУ.

Позитивен одговор бил добиен и од европратениците Тања Фајон од Словенија и Чарлс Танок од Велика Британија.

„Lapsus lingvae. Жалам за тоа. Забележано и поправено во писмото до претседателот на Советот на ЕУ“, твитна во својот одговор Фајон.

Направена е и корекција во отвореното писмо објавено на веб-страницата на Флекенштајн.

Во писмото се бара датум за почеток на преговори со „Северна Македонија“ иако договореното ново име со Грција сѐ уште не е официјализирано.