Државната нафтена компанија на Венецуела префрлала пари на бугарски сметки


Од американските партнери, како по дипломатски, така и по оперативен пат, имаме информации за трансфери на пари од Венецуела, особено од страна на Државната нафтена компанија (ПДВСА), за што се користени бугарски банкарски сметки, изјави главниот обвинител Сотир Цацаров, пренесе агенцијата БГНЕС.

По детална анализа на информациите, утврдена е банката, лицето кое е носител на тие сметки, како и самите сметки.

– Утврдени се трансфери, кои всушност биле извршени од Државната нафтена компанија на Венецуела на тие сметки, по што биле извршени други трансфери при што дел од средствата се префрлени од овие банки и се трансферирани на банкарски сметки во други земји. Причините се различни и во повеќето случаи, според наше сомневање, не се реални. Таквите основи се поврзани со поддршка и финансирање на венецуелска спортска федерација, со купување храна за Венецуела итн., кои генерално немаат заедничко со реалноста, посочи Цацаров.

Тој рече дека интензивно се работи за расчистување на состојбата.

Во моментот, како што рече, се контролира целиот инспекциски систем, со цел да се констатира дали се вршеле и други трансфери на пари.

– Информацијата што ја имаме од американските партнери во конкретниот случај се однесува на конкретна банка, но должни сме да ги провериме и останатите банки во однос на трансфери од Венецуела, како и трансфери надвор од Бугарија, додаде Цацаров.