Додека бегалецот Груевски ниже притвори: Заев и Спасовски разговарале, ама не договориле оставка
Министерот Оливер Спасовски разговарал со премиерот Зоран Заев за оставка, како чин на морална одговорност по бегството на осудениот поранешен премиер Никола Груевски во Унгарија. Но Заев, како што посочи во интервју за „Дојче веле“, не забележал аргументи за морална одговорност на Спасовски како прв полицаец.
„Оливер Спасовски разговараше за тоа со мене. Како колега во Владата и мој долгогодишен соработник, секогаш сме разговарале што со моралниот чин во вакви околности. Бидејќи, ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст… Јас не гледам таков пропуст. Но, ако се покаже дека имало одговорност – јас ќе барам таа да биде конкретно понесена“, вели Заев.
На прашање зошто тогаш побрзал да бара одговорност од земјите низ кои поминал Груевски, Заев одговара дека побарал само објаснување.
„Знам дека одговорноста, пред сè, е наша. Јас не зборувам за границите кои можел да ги помине со лична карта, не зборувам како влегол од Албанија во Црна Гора и во Србија. Прашувам како излегол од Србија. Сакам да знам како наш граѓанин ја поминал српската граница кон Унгарија, без пасош. Сакам да знам, дали кој било од нас ќе го пуштат без пасош со лична карта да влезе во Унгарија, земја членка на ЕУ“, вели Заев во интервјуто.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, вчера во Брисел, имаше билатерална средба со унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто. Притоа, како што се соопштува, Димитров истакнал дека случајот со бегството на Груевски и добивањето азил е предизвик за билатералните односи меѓу Македонија и Унгарија, кој, како што навел, се третира со голема внимателност и во согласност со принципите на владеење на правото кон кои Македонија се стреми.
„Ќе ги искористиме сите правни можности за негово соочување со правдата во Македонија“, истакнал Димитров. Сијарто, пак, како што се посочува, ја повторил поддршката на Унгарија за европската и евроатлантската интеграција на Македонија.
Покрај правосилната двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, Кривичниот суд во Скопје вчера му определи и нов притвор на Груевски, овој пат за предметот „Титаник“.
Судијата Осман Шабани рече дека Судечкиот совет, на барање на СЈО, донел одлука на обвинетиот да му се одреди притвор во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање. Претходно, судот одлучи на Груевски да му се суди во отсуство.
Пред извесно време на Груевски му беше определен 30-дневен притвор и за предметот „Талир“, откако парламентот донесе одлука за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер за вкупно шест предмети на СЈО во кои тој е обвинет или осомничен. (П.Р.)