Груевски сѐ поблиску до затвор


Поранешниот премиер Никола Груевски вчера ја дозна потврдата за пресудата од две години затвор во судница, додека ги слушаше необјавените прислушувани разговори за изборните манипулации од 2013 година, за коишто е обвинет тој и неговите први соработници.

По еден месец, Апелацискиот суд донесе одлука и ги отфрли жалбите што ги поднесеа Груевски и неговите бранители како неосновани и ја потврди првостепената пресуда со која тој е осуден на затвор за случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“.

На првата пауза од судењето за „Титаник“, Груевски даде изјава за новинарите и порача дека е осуден во политички монтиран процес. „Јас таа одлука ја искоментирав уште пред еден месец во парламентот, кога ги кажав сите информации коишто сум ги добил околу политичкиот притисок кој судот веќе го имаше неколку дена претходно, односно инструкциите од в.д. претседателката на Апелација во кои таа укажала дека има притисок од повисок фактор да се потврди пресуда на првостепениот суд. Станува збор за политички прогон, за политички монтиран процес кој се води. Единствено нешто што се промени од таа прес – конференција беше тоа што ја одложија одлуката за после референдумот, наместо да ја донесат пред референдумот, како што тоа беше планирано“, рече Груевски.

Одлуката на Апелацискиот суд се носи во зовриена политичка ситуација и во моменти кога власта треба да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за да поминат уставните измени кои ги предвидува Преспанскиот договор за решавање на македонско-грчкиот спор. Груевски, кој е пратеник во Собранието, вели дека нема да го искористи својот глас за евентуални уставни измени за да се спаси.

„Не, јас нема да ги поддржам уставните измени, јас не можам да го изневерам народот, народот си го кажа своето“, вели Груевски.

Кривичниот суд сега го чека предметот од повисокиот суд и согласно АКМИС – електронскиот систем за процесуирање на предмети ќе го распредели на судија за извршување санкции кој треба да постапува понатаму. Судијата треба да изготви упатен акт кој ќе го достави до осудените. „По приемот осудените се должни доброволно да се јават на извршување на определната санкција“, соопштуваат од Кривичниот суд. Бидејќи предметот уште не го добиле, од Кривичниот суд велат дека за рокот до кога треба осудените да се јават во затвор, ќе се знае од понеделник.

Според Законот за извршување на санкции, откако пресудата ќе биде целосно завршена и испратена во Кривичниот суд, судија за извршување на санкции има рок од осум дена да го подготви упатниот акт во кој треба да биде наведен датумот и затворот каде треба да се јави на издржување на казната. Ако осудениот не се појави сам, затворот го известува судијата кој бара МВР да го приведе.

Поранешниот премиер најави дека ќе ги искористи сите прави лекови кои му стојат на располагање против оваа одлука.
Поранешната судијка во Врховниот суд, Милка Ристова, вели дека одлуката на Апелацискиотт суд е правосилна и го објаснува постапувањето на највисокиот суд во вакви случаи.
„Главното правило е дека правните лекови пред Врховниот суд не го задржуваат извршувањето на казната, може по барање на обвиненитот да го одложат, но за тоа цени судија за извршувањето на кривичната санкција. Осудениот може да поднесе барање за одложување на кривичната казна со образложение дека поднел правен лек кој може ефиктивно да ги промени и квалификацијата на кривичното дело и казната, поради различни причини – семејни, лични причини, болест“, објаснува Ристова.
Груевски како пратеник во Собранието има имунитет и мандат, но според експертите тоа не го спречува издржувањето на казната.

„На пратеникот му престанува мандатот ако е осуден за кривично дело за кое е пропишана затворска казна од најмалку пет години, а на пратеник му се одзема мандатот ако е осуден за кривично дело за коешто е пропишана поблага казна од пет години доколку за тоа гласаат две третини од пратениците. Сепак, иако пратеникот има мандат, тоа не го спречува издржувањето на казната“, вели Ристова.

Во случајот „Тенк“, Груевски се товари за примање награда за протизаконско влијание, односно дека ја искористил својата моќ и ја натерал тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Министерството да набави „мерцедес“ во кој ќе се вози токму тој.

Набавката на „мерцедесот“ се држела во тајност, во разговорите Груевски го нарекува „тоа на М“ и „триаголникот“ и ѝ порачува на Јанкулоска да има екрани на седиштата и „фул“ луксузна опрема. Двајцата се договарале Груевски да не се вози со скапиот автомобил пред народот и новинарите, но да го добива кога сака.

Договорот за набавката го потпишал Ѓоко Поповски, а овластувања за тоа му дала Јанкулоска. Апелацискиот суд донесе одлука и за жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна, од шест години и шест месеци на четири години и шест месеци. Јанкулоска пресудата за овој случај ќе ја слушне в понеделник.

Ова е прва пресуда за еден премиер во Македонија за дело што го направил кога ја извршувал таа функција и прва пресуда од вкупно пет случаи кои ги води Специјалното јавно обвинителство против Груевски.

Поранешниот премир Владо Бучковски и покрај правосилната пресуда во случајот со тенковските делови од времето кога тој беше министер за одбрана никогаш не отиде во затвор. Во меѓувреме Врховниот суд ја укина пресудата за Бучковски и процесот го врати на почеток.

Фросина Факова – Серафиновиќ