Втор случај на допинг во рускиот тим на ЗОИ
Руската репрезентативка во боб Надежда Сергеева падна на допинг тестот на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг. Ова е втор случај на допинг во рускиот тим, откако претходно позитивен тест имаше и Александар Крушелницкиј. Тој со партнерката Анастасија Бризгалова освои бронза во карлинг, но поради допингот тие останаа без медали.
На руските спортисти поради системскиот допинг, кој наводно бил спонзориран од државата, им беше забрането да се натпреваруваат во Пјонгчанг. Дозвола да настапат на Игрите во Јужна Кореја добија само оние спортисти кои докажаа дека се „чисти“.
Сергеева е една од 168. спротисти од Русија кои добија зелено светло, како неутрални спортисти, по името Олимпијци од Русија да се натпреваруваат во Пјонгчанг.
Триесетгодишната Сергеева заедно со Анастасија Кочержова го освои 12. место во боб двосед на ЗОИ во Пјонгчанг.
Рускиот тим објави дека Сергеева била позитивна на лек за срце кој не и бил препишан од лекарскиот тим на репрезентацијата. Во соопштението се додава и дека позитивен бил тестот кој бил направен на 18.февруари, додека на претходнит тест таа била чиста.