Во грчките учебници немало дека сме творба на Тито


Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, образовни и археолошки прашања од земјава и Грција ќе бара начин да се реинтерпретираат одредени историски настани, но нема да се исфрлаат содржини од учебниците, велат извори од Комитетот по дводневниот состанок во Скопје.

Македонската страна, како што велат, се повикува на принципите на Советот на Европа и на УНЕСКО, според кои во учебниците не треба да има формулации за одредени историски настани и личности што ќе предизвикуваат чувство на непријатност кај двете страни и ќе создаваат анимозитет меѓу децата.

„Нашиот пристап е базиран на сите актуелни научни третмани на поимите нација и идентитет. Се залагаме за концептот кој се нарекува мултиперспектива и кој подразбира да се приложат во учебниците различни мислења за одредени настани, освен она на авторот и да му се остави на детето и само да размислува“, вели соговорникот.

Македонскиот тим е шаренолик. Во него членуваат археолози, политоколози, историчари, јазични научници. Грчкиот, пак, според информациите, е унифициран – со четири историчари. На повеќето специјалност им е 19 век.

Грчката страна доставила 37 пакети учебници од различни области од историја и географија за основно и средно образование до мода, но се разгледуваат тие каде што има проблематична содржина.

„Во учебниците од последните четири години не наидовме на формулации од типот дека македонската нација е измислена или дека е творба на Јосип Броз Тито“, велат извори од Комитетот.

Копретседавачот со македонскиот дел од Комитетот, амбасадорот Виктор Габер, пак, вчера изјави дека новите генерации треба да се образуваат во духот на европските вредности на солидарност, доверба и меѓусебна соработка. Тој истакна дека двете страни ги приближиле ставовите, а за конкретни прашања за учебниците ќе се разговара на наредната средба на Комитетот, договорена за 12 и 13 април во Атина.

Според Габер утврдена е и динамиката за наредните средби и таа треба да придонесе во наредниот период да преминат на конкретни формулации во учебниците.

„Учебниците треба да бидат адаптирани на новото време што го донесе Преспанскиот договор. Атмосферата беше колегијална, конструктивна. Се работи за два концепта што треба да се усогласат, и тоа е неспорно бидејќи станува збор за два образовни система кои со години се граделе и кои си имаат своја историја, а треба да имаат заедничка иднина“, рече Габер.

На средбата во Скопје разгледани биле учебниците по историја и географија за основно и средно образование. Станува збор за огромен материјал, затоа, вели Габер, двапати биле одложени состаноците на барање на грчката страна. Тој истакна дека двете земји ги поврзуваат многу периоди.

„Ние сме соседи, сме биле можеби 400-500 години во една државна структура каде што имало мешање од секаков вид – економски, културно, социјално. Словенската маса кога дошла овде се населила на територија на некогашното Источно Римско Царство, според тоа ние сме живееле со тие луѓе. Дали народите се поместувале лево или десно заради историските околности, тоа е сосема друга работа, но ние сме живееле сите заедно во разни културни и социјални средини“, вели амбасадорот Габер.

Според роковите од договорот од Преспа, спорните точки, карти и илустрации треба да се отстранат од наставните програми и од учебниците веќе од следната учебна година, меѓутоа, за таа цел, ќе биде потребно суштински да се забрза темпото. (Н.К.)