Еко-свест со Јавен повик за грантови до 70.000 евра за граѓански организации
Еко-свест ја објавува Програмата за грантови за 2026 година, со цел да ги поддржи граѓанските организации и нивните партнери во предводењето на промените кон праведно и отпорно општество.
Македонија се соочува со еколошка ранливост и институционална стагнација. Граѓанските
организации имаат клучен потенцијал да бидат „чувари на јавниот интерес“ и партнери во
имплементацијата на системски решенија, но често се ограничени од недостаток на ресурси и техничка експертиза. Оваа програма не само што финансира проекти, туку систематски го гради капацитетот на граѓанскиот сектор.
Во оваа фаза на програмата, Еко-свест ги поканува заинтересираните организации да достават концепт за нивната проектна идеја најдоцна до 31 јули.
Грантовите треба да бидат насочени кон постигнување на следните цели:
· Техничко застапување: Подобрување на капацитетите за анализа и застапување на
еколошки регулативи (усогласени со ЕУ Поглавје 27).
· Институционален надзор (watchdogging): Обезбедување транспарентност и одговорност во носењето одлуки.
· Заштита на природата: Управување со заштитени подрачја и обнова на екосистеми.
· Практични решенија: Имплементација на пилот-проекти за декарбонизација и заштита на природата.
· Јавна свест: Подигање на климатската писменост и градење на граѓански активизам.
· Организациска отпорност: Градење на внатрешни управувачки вештини на организациите
Право на учество имаат граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кои постојат и се регистрирани најмалку 4 години пред објавувањето на овој повик. Организациите се охрабруваат да формираат партнерства со други локални чинители (други организации, општини, бизниси и др.) Вкупен фонд на програмата изнесува 21.500.000 денари. Грантовите може да бидат со износ од најмалку 1.200.000 денари и најмногу 4.300.000 денари.
Времетраење на проектите е од 12 до 14 месеци.
Предвиден почеток на спроведување на проектите е од 1 ноември 2026 година.