Уништени се подводните фонтани во Вардар – Градот бара решение
Двете фонтаните во реката Вардар, кои требаше да прават водоскоци покрај Камениот мост, високи и по 20 метри, и да бидат осветлени во боите на виножитото, одамна се надвор од функција, а од Град Скопје потврдуваат дека нивниот систем е сериозно нарушен.
„Во однос на подводните фонтани во коритото на Вардар, сакаме да информираме дека нивната состојба е сериозно нарушена. Во минатото, при изведување на градежни активности во коритото на реката, со употреба на механизација биле целосно оштетени системите за прскалките и осветлување, а дополнително се констатирани и конструктивни проблеми.
Токму затоа, Градот Скопје работи на изнаоѓање одржливо и безбедно решение“, одговоријиа од Град Скопје, на прашање на „Независен“ дали се планира нивно ревитализирање.

Двете фонтани беа пуштени во употреба во јуни 2011 година, по неколу одлагања и поништени тендери. Но, од тогаш повеќе не работат, отколку што работат. Едната е поставена во линија на Народниот театар, а другата пред Уставниот суд. На средина имаат по една поголема цевка, која треба да испушта млаз од 20 метри, а околу нив по осум помали цевки што прскаат до седум метри во висина. Освен цевките, кои се искривени, фонтаните имаат и подводни рефлектори кои ги осветлуваа водоскоците.
Изведувач на фонтаните беше италијанската фирма „Ла Моне Мореда“, а финансиер Општина Центар. Од Општината, со која тогаш раководеше градоначалникот Владимир Тодоровиќ, никогаш не дадоа податок колку пари се потрошија за овие две фонтани. Она што се дозна од извештајот, по смената на Тодоровиќ, беше дека само за одржување на овие две фонтани, заедно со фонтаната Воин на коњ, општината плаќала вкупно 145.000 евра годишно.

Инаку, во изминатиов период во функција се ставени фонтаните како ,,Воин на Коњ”, ,,Филип II”, ,,Прометеј”, двете фонтани кај Министерство за транспорт, кај Министерство за социјална политика, демографија и млади, а дополнително во тек се градежни активности за ставање во функција на подната фонтана на плоштадот.
Инаку, Градот Скопје, неодамна го потпиша Протоколот за соработка, пријателство и партнерство со општина Есенлер од Република Турција, кој се однесува на имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост.

„Со реализацијата на овој проект, Камениот мост ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики, историска вредност и статусот што го има како еден од најзначајните симболи на Скопје. На тој начин, централното градско подрачје ќе добие уште поубав и подостоинствен ноќен изглед“, велат од Град Скопје во одговор за „Независен“.
Деновиве беше осветлен и пешачкиот мост на кој требаше да се постави панорамско тркало, што потоа се откажа. Овој мост беше пуштен во употреба во 2021 година, но објектите на него никогаш не профункционираа, а од Град Скопје ни сега не кажаа што планираат со нив.