ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски не беше на протест, фотографијата е монтажа


Барем до Нова година ќе траат протестите пред Собранието на Македонија, каде што се одвиваат новите етапи од уставните промени. Граѓаните што секојдневно се собираат пред законодавниот дом, бараат пратениците да се одважат и да не прифатат промена на уставното име и прифаќање на договорот со Грција. Најупорните спијат во шаторите и најавуваат оти ќе останат таму додека е потребно. На импровизирана бина се менуваат и различни говорници, кои ги испорачуваат своите барања до политичарите.
„Бараме распуштање на Собранието и распишување избори без Зоран Заев како премиер. Додека пратениците ја продаваат Македонија, ние надвор ги браниме македонската држава и македонскиот народ. Влегуваме во финална битка, ова е последна шанса за нашата генерација. Антимакедонските политики го допреа врвот: или ќе дозволиме марионетската власт во Скопје да избрише сè што е македонско или Македонија ќе победи за да останеме свои на своето“, потенцираат од „Македонија бојкотира“.
Добија и одговор од владејачката СДСМ, од каде што ги нарекоа маргинални групи и поединци – остатоци од режимот.
„Повикуваме на одговорно однесување и потенцираме дека заканите, повиците за линч и говорот на омраза се кривични дела. Навредите и клеветите кон кого било се спротивни на демократските вредности, спротивно на концептот едно општество што е прифатен од мнозинството граѓани на Република Македонија. Ова потврдува дека огромна е нервозата кај остатоците од времето на режимот поради тоа што немаат поддршка од граѓаните и не успеваат да ја блокираат иднината на Македонија“, напишаа на „Бихаќска“.
Во реакцијата испратена од Единствена Македонија на Јанко Бачев се изразува негодување што луѓето што протестирале се наречени маргиналци и прашаа дали Заев се заканува со тужба за секој што ќе го употребува зборот Македонија. Наведуваат дека не било точно оти посетеноста на протестите била слаба тврдејќи оти имало повеќе народ отколку на „НАТО забавите“ на СДСМ.
Вчера во дел од порталите се појави фотографија, на која лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, седнат на гајба им се приклучил на протестантите што беше дочекана како изненадување, имајќи предвид оти ВМРО-ДПМНЕ досега не учествуваше во ваквите собири против Преспанскиот договор.
„Станува збор за монтажа, Мицкоски воопшто не беше присутен на протестот пред Собранието“, тврдат во ВМРО-ДПМНЕ. (Г.А.)