ВМРО-ДПМНЕ – војничка или партиска структура


Она што на средината на август започна како разрешување на организацискиот секретар и петнаесетина потсекретари идентификувани како проевропски (што беше оценото од ВМРО-ДПМНЕ како напумпана медиумска приказна за „ситни играчи од вториот и третиот ешалон“) кулминираше деновиве со разрешување на заменик- генералниот секретар од реформаторското крило Петар Богојевски.

Тој ја поздрави одлуката на Извршниот комитет на партијата, бидејќи, како што вели, „едноставно се непомирливи двата концепта, едниот за демократизација, модернизација и европеизација, а другиот за клиентелизација и авторитарен кариеризам во ВМРО-ДПМНЕ“ и нагласи „го поразивме Груевски, но не и груевизмот во нас“.

Првите години од владеењето на Груевски беа солидни, како што оценуваат дел од аналитичарите и сегашните реформатори, тој подоцна стекна популарност, почна да победува, но почна и да застранува. Партијата, како што нагласуваат тие, од демохристијанска десница се претвори во движење и започна регрутација на кадри кои беа сервилни кон политиката на лидерот. На тој начин, според нив замрела секоја критичка и конструктивна мисла. Одлуките се носеа во тесен круг.

По смената на Груевски и доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата новиот лидер најави суштински реформи и нов статут. Наспроти најавите за демократизација со новиот партиски статут, практично се легализира централизацијата на ВМРО-ДПМНЕ. „Сега ќе биде полошо од времето на Никола Груевски“, рече Ѓулистана Марковска, една од реформаторите во партијата.

Наместо предлозите за членови на партиски тела да излегуваат од месните комитети, односно од базата, сега за тоа ќе решава претседателот. Она што шокираше е одредбата дека избраниот фунционер ќе си поднесе оставка или пак ќе биде разрешен ако искаже мислење поинакво од партиското. Ова значи, како што рече Марковска, дека пратениците и официјално ќе станат партиска гласачка машина.

„Зошто тогаш има пратенички листи на избори“ посочи Марковска, навестувајќи го на некој начин притисокот на кој сега се подложни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од кои се очекува разум во насока на обезбедување двотретинско мнозинство за предвидената уставна ревизија предвидена со договорот со Грција.

И во СДСМ разрешувањата и исклучувањата од партијата не се непозната работа. Социјалдемократите го исклучија професорот Нано Ружин, кој прифати да биде амбасадор во НАТО во времето на владата на Љупчо Георгиевски. Исклучен беше и експремиерот Владо Бучковски, Есад Рахиќ, Димитар Бузлевски…

Сепак, меѓу политичките партии во Македонија, како што велат политичките набљудувачи, без исклучок, оној приод – врхушката да ги држи сите лостови на влијанието, контролата и моќта во рамките на партијата, во ВМРО-ДПМНЕ бил најсилен. Затоа, впечатокот во политичките кругови беше дека придонесот што реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ го прават, можеби не е само внатрепартиски придонес, туку и придонес кон јакнење на политичката култура во Македонија.

„Она што е неопходно е да се согласиме на определени демократски правила на игра. Некој не се соглсува, некој, пак, се согласува ама во текот на играта тоа не го почитува. За разлика од Европа каде сите ги почитуваат демократските правилата“, вели професорката Мирјана Малеска.

Во антидемократските и автократски тенденции внатре во партиите, вели Малеска, може да препознаете многу лична суета, одмазда, болна амбиција. „Наводно, имате нови лица, ново раководство, а процесите всушност се враќаат назад. Казната за непослушноста е во насока да се подрие секој обид да помине договорот со Грција, без притоа да се каже која е алтернативата и дали воопшто може да се постигне подобар договор од овој. Ова може да се разбере како порака до сите неистомисленици дека може да ги снајде она што го снајде Богојевски“, вели Малеска.

Дел од аналитичарите сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува да функционира како војничка структура, а не како модерна десничарска демократска партија. Се шпекулира дека во скоро време ќе претстојат нови разрешувања. Се споменуваат имињата на потпретседателот Митко Јанчев, пратениците Даниела Рангелова и Драган Данев.

„Во многу земји, партиите како што е ВМРО-ДПМНЕ може да бидат ослободени од учество на избори сѐ додека не го исчистат внатрешниот хаос. На партијата што во суштина не е демократска не треба да ѝ биде дозволена да учествува во секој демократски процес“ изјави деновиве Питер Ванхауте, посредникот на ЕУ во преговорите за пржинскиот договор.

Тој верува дека во ВМРО-ДПМНЕ и натаму има многу компетентни политичари кои би можеле да направат одлична работа како членови на една конзервативна партија. „Навистина се надевам дека еден ден оваа партија ќе се врати на вистинскиот пат и навистина ќе се придржува до демократските вредности во рамките на партијата и надвор“ вели Ванхауте, додавајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ не е подготвена за избори сè додека нема сериозни внатрешни реформи што ќе им овозможуваат на сите членови да се обединат зад платформа за демократска партија“.

Ако внатрепартиската демократија директно придонесува кон развој на демократските процеси во државата, тогаш партиите, велат аналитичарите, треба посериозно да се зафатат со внатрешни реформи за да овозможат поквалитетен проток на идеи и на политички фигури на политичката сцена. Но, засега не повидок нема такви тенденции. Дури и ако се појави некоја силна демократска опција, таа брзо ќе биде амортизирана од чуварите на окупираниот политички простор.