ВМРО-ДПМНЕ бара Собранието да провери дали во недела се полнеле кутии


Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието доставија предлог одлука за формирање на Анкетна комисија за испитување на целокупниот процес на референдумското изјаснување на 30 септември. Тие бараат покрај периодот на кампањата, анкетната комисија да провери индициите дека на одредени избирачки места има сериозни нерегуларности, односно фалсификување на резултатите преку полнење на кутии.

„Основаните сомнежи за сторен фалсификат на правото на граѓаните за гласање односно негласање мора да се расчистат. Довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и некој мора да сноси одговорност. Анкетната комисија ќе има задача да утврди дали за време на кампањата постоело поткупување на гласачите и правење на притисоци од одредени избрани и именувани јавни функционери“, стои во соопштението на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие дополнуваат дека како претставници на граѓаните, имаат одговорност и обврска да утврдат како и за што биле потрошени финансиските средства во кампањата за референдумот, со оглед дека беше финансирана од државниот буџет.

„Анкетната комисија треба да ја разгледа и утврди политичката одговорност за резултатите од референдумот, нарушениот углед на институциите и потрошените средства од буџетот. Целта на оваа Анкетна комисија е низ дебата да ги утврди сите аспекти од референдумското изјаснување и враќање на довербата на граѓаните во институциите“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Забележливо е дека меѓу потпишаните пратеници се и оние кои не се согласуваат со политиките на новото раководство на партијата, како и оние што низ јавноста се споменуваат како потенцијални „птици преселници“ кога е во прашање гласањето за уставните измени и потребното двотретинско мнозинство за ратификација на договорот со Грција.