Влада: Концесијата за хидроцентрала на Анѓушев му ја дала Владата на ВМРО-ДПМНЕ


Договор за изградба на нова мала хидроцентрала на Кочо Анѓушев му дала претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е Договор за концесија врз основа на кој е добиен долготрајниот закуп за државното земјиште, а е потпишан во 2015 година врз основа на тендерска постапка, се вели во реакцијата на Владата на РМ на прес-конференцијата на ВМРО ДПМНЕ.

-И посочуваме на ВМРО-ДПМНЕ дека пред да држат прес-конференции да се консултираат и со претседателот на партијата Христијан Мицковски, кој преку уделот во концесионерот МИНКА-ЕНЕРГОТЕК добил долготраен закуп од претходната Влада за неколку од изградените хидроцентрали и добро е запознаен со административните процедури во целата постапка на давање на концесија, изградба и ставање во функција на една мала хидроцентрала, се наведува во соопштението на Владата.

Тие напоменуваат дека станува збор за строго дефинирани права и обврски од Договорите за концесија. Донесувањето на одлука за долготраен закуп на државно земјиште е право со кое се стекнува секој Концесионер, во случајот МХЕ ТОПОЛКИ ДОО Скопје, кој има потпишано Договор за концесија за вода за производство електрична енергија од мали хидроцентрали. Потенцираат дека нема ништо незаконско во донесената Одлука, а уште помалку пак некаков судир на интереси внатре во Владата на Република Македонија.

-Судир на интереси е кога поранешниот претседател на Владата Никола Груевски ќе даде согласност на својот советник за енергетика, сегашен претседател на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски, да изгради мали хидроцентрали преку компаниите во кој тој има удел. Ова меѓудругото не беше објавено транспарентно туку беше откриено неколку години подоцна, нагласуваат од Владата на РМ и додаваат дека за разлика од ваквиот начин на однесување, Анѓушев е одговорен функционер кој навреме го доставил својот имотен лист во кој се наведени сите негови фирми, и при тоа јавно и транспарентно го презентираше пред целокупната јавност.