Владата го усвои финалниот текст на предлог-амандманите


Владата на вчерашната седница го усвои финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот и го достави до Собранието. Амандманите се составен дел на Уставот и влегуваат во сила со влегување во сила на договорот со Грција за решавањето на разликите околу името.

Амандманот 33 гласи:  Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Како резултат на јавната расправа,  измени има и во текстот на Амандманот 36 којшто сега гласи:

  • Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;

– Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;

– Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;

– Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.