Вице Заев: Даваме плата на 800 вработени, плаќаме данок, децата ни се тука


Вице Заев, брат на премиерот Зоран, е мета на обвинувања од страна на опозицијата дека неговата фамилија ја узурпира половина Македонија. Нивните бизниси што постојано се шират се тема на интерес на медиумите, особено сега кога Зоран Заев стана најмоќен политичар во земјава. Во интервју за „Независен весник“, Вице Заев отворено зборува за споредбите со „фамилијата на претходната власт“, за односите со премиерот, за влијанието на бизнисот врз политиката и обратно, за следните планови, како и за животот на Заеви пред да дојде „животот за сите“.

Како ги доживувате обвинувањата дека по фамилијата на ВМРО сега на власт и во бизнис лобито се инсталира „фамилијата на Заев“?

– Неспоредливо, несоодветно и невистинито. Времето на фамилијата, знаат граѓаните, заврши и никогаш нема да се повтори. Не сакам да се навраќам во минатото, но сите знаеме што значеше тоа: целосна контрола и злоупотреба на државните институции и политичката моќ за профит на фамилијата на сите можни основи. Сосема спротивно од тоа, фирмите на Заеви работат законски, одговорно и транспарентно уште од самото основање во деведесеттите години, уште од независноста на земјава. Горди сме со таквиот начин на работа. Нашите деца се овде во Македонија, ние сме овде во Македонија, работиме, придонесуваме, плаќаме данок, обезбедуваме плати за вработените, иднината ја гледаме овде. Рамноправно се бориме на пазарот како и сите други фирми и нашата работа нема поврзаност со ниту една државна институција. Зоран Заев, откако е влезен во политиката, е целосно дистанциран од сопственичката структура и од бизнисот. Уште повеќе, кога беше јасно дека ќе мора да ја преземе премиерската функција, се собравме и како семејство одлучивме дека ќе ги прекинеме сите бизнис иницијативи во нашите компании кои на кој било начин се поврзани со јавни пари или се поврзани со јавни институции.

Зошто баш сега бизнисот со марихуана, нели сметате дека им нафрлувате на волеј на политичките противници?

– Тоа е прашање за моите роднини, кои се определија за тој бизнис. Откако се создадоа законски можности, и тоа е бизнис како и секој друг. Не може законска работа на компанија што се натпреварува на пазарот со другите компании да биде „нафрлање топка“. Нема што да се крие, јавноста треба да ги знае сите информации. Отворено зборуваме за овие прашања, тоа се деловни потфати на нашите роднини и тие се вклучени во тој бизнис најтранспарентно. Ништо не е скриено ниту, пак, имаат некакви привилегии поради роднинските врски со премиерот. Настапуваат на пазарот со сите очекувања и ризици, како и сите други компании во тој бизнис.

Колку често се гледате со премиерот, се знае дека двајцата сте многу блиски. Дали Зоран сега има време за своето пошироко семејство бидејќи припадноста кон него постојано ја истакнува?

– Ретко се гледаме поради посветеноста и обврските на премиерот да успее оваа нова приказна за Македонија и да обезбеди сигурна и стабилна иднина за сите нејзини граѓани. Ние сме горди на нашето семејство, на блиските односи. Нашето семејство е нашето богатство, профитот е алатка за обезбедување егзистенција. И сосема е разбирливо да се повикува на своето семејство, бидејќи како активен член на семејството во создавањето и растот на нашите бизниси наоѓа примери за да нагласи или илустрира некои економски иницијативи за кои се залага. Би сакал почесто да се гледаме, но целосно ја разбирам неговата посветеност.

Каде живеете? Што бизниси имате? Колку ви се прошири бизнисот по смената на власта, кој од семејството го води бизнисот?

– Со јавноста се споделени сите информации за нашиот бизнис. Транспарентни сме и во сопственоста и во сè. Живееме во куќата на нашиот татко во која живееме отсекогаш. На еден кат живеам јас со моето потесно семејство, на еден кат мојот брат со потесното семејство, во заедница со родителите, кои живеат во приземниот дел од куќата. Како и во секое друго домаќинство или семејство во Македонија. Ние се гордееме со нашето семејство, кое работи чесно, одговорно, законски. Обезбедуваме плати за 800 и повеќе вработени, плаќаме данок во оваа држава, нашите деца се овде во Македонија.

Колку фамилијарните бизниси влијаат врз политичката кариера на Зоран Заев и обратно, колку политиката влијае врз бизнисот?

– Откако влезе подлабоко и попосветено во политиката, Зоран целосно се посвети на новите обврски и интересот на граѓаните. Мојот брат, Зоран Заев, ниту е сопственик на нашите семејни фирми, ниту има поврзаност. Брат ми Зоран, и кога беше градоначалник, а особено сега, ако успее да издвои малку слободно време, целосно им го посветува на сопругата и на децата. За тоа дали политиката влијае врз бизнисот, веќе реков, но сакам да повторам уште еднаш: ниту една од компаниите што ги управуваме како семејство нема никаква поврзаност со буџетски пари или корисници.

Дали имате планови за ширење на бизнисот во други сфери и каде?

– Веќе реков, профитот е алатка за обезбедување егзистенција и за развој на бизнисот. Зависно од условите на пазарот, зависно од тоа дали ќе бидеме успешни, ќе ги проектираме плановите за во иднина. Нашата семејна бизнис филозофија е добивката секогаш да ја реинвестираме во усовршување на компаниите, на производството, на условите за работа, или да ги вложиме во некој нов деловен потфат.

Дали поинаку Ве гледаат во Струмица откако Заев стана премиер? Се зголеми ли бројот на пријатели или на оние што сакаат да го избегнуваат?

Струмица не е големо место, сите се познаваме добро, со години наназад. Се почитуваме, како и во секое друго населено место. Тоа што денес некој постигнал успех гледаме да го вградиме во обезбедување успех на граѓаните, на заедницата, на државата. Знаете како, тоа што член на нашето семејство е премиер ни создава и една дополнителна обврска и одговорност кон заедницата во која живееме. На тоа гледаме како на шанса повеќе да покажеме дека сме чесни и во бизнисот и во политиката.

Дали Ви е предност или хендикеп што сте брат на премиерот?

– Да се биде брат на Зоран Заев е одлично, тоа е посебна гордост, не затоа што е премиер, туку затоа што е човек, со срце, со душа. Иако не сме заедно толку колку што сакам да бидеме, се соживувам со неговите секојдневни грижи и со неговата постојана, континуирана посветеност кога ќе се насочи да реализира некоја идеја, политика, одлука. Тое што ме радува и што не е променето, и за што сум уверен дека нема да може никој да го промени, е неговиот – оптимизам. Таков оптимизам, ведар дух и позитивна упорност негуваа секогаш и тоа влијаеше врз луѓето со кои доаѓаше во контакт. Гледам дека и сега е така и настојуваме сите да му помогнеме така и да остане.

Како работеа фирмите на Заеви за време на претходната власт? Со оглед на тоа колку многу фирми се жалеа на опструкции и рекет, впечаток е дека фирмите на Заев не се соочуваа со толку големи притисоци?

Уште од создавањето на фирмите на почетокот од деведесеттите години, правевме сè за да отпочнеме приватен бизнис, а потоа и да го одржуваме и да обезбедиме развој и да опстоиме. Се носевме со сите искушенија што ги носеше приватната иницијатива, како што се носеа и сите други. Нашето семејство и нашите бизниси дополнително и јавно беа под притисок на една политичка опција која беше фокусирана на неосновано оцрнување целото семејство. Бевме под постојани контроли, ни ги стеснуваа и блокираа можностите за работа… Како и да е, тоа време заврши. Македонија денес е слободна земја. Денес институциите се слободни, не се под закана и контрола на политичките елити на власт.

Горан Адамовски