(ВИДЕО) Како изгледаат „изборите“ во Северна Кореја: Излезеноста е речиси 100%, а поддршката за режимот е едногласна


Граѓаните на Северна Кореја вчера излегоа на парламентарни „избори“. Таквата вест можеби би била нормална за некоја друга земја, но кога станува збор за оваа тоталитарна држава со која комунистичката династија Ким владее речиси седумдесет години, веста за изборите звучи навистина бизарно.

Дали Ким Јонг-Ун конечно одлучил да ја демократизира Северна Кореја? Дали е подготвен да отстапи од власта, за разлика од неговите татко и дедо кои владееја доживотно и да го препушти управувањето на оваа изолирана и сиромашна земја на некој друг, ако неговиот народ така одлучи на изборите? Можеби Доналд Трамп, наводниот мајстор на договори, го убедил во тоа на неодамнешните преговори во Виетнам?

Секако дека не. Имено, гласањето за Врховното народно собрание во Северна Кореја е редовно, задолжително за сите гласачи и, најважно, не е вистински избор бидејќи гласачите воопшто не можат да бираат помеѓу различни кандидати. Нивната задача е да гласаат за единствениот кандидат кој режимот ќе им го понуди. Поради тоа, на денот на таканаречените избори, сите постари од 17 години мораат да излезат и да гласаат.

Излезеноста е речиси 100%, поддршката за режимот е едногласна, а понуден е само еден кандидат

Било какво изразување на несложување е невозможно, пишува „Би-би-си“. Излезеноста секогаш е близу 100 проценти, а поддршката за владеачката партија е едногласна. Тоа од нив и се очекува, не само на изборите, туку и во секојдневниот живот – целосна приврзаност кон владеачката династија и актуелниот водач.

И покрај тоа, или токму поради тоа, официјалниот весник на Централниот комитет на Работничката партија на Северна Кореја во својот текст минатата недела го прогласија „изборниот состав на нивната земја за најсупериорен на светот“.

„Како знак за лојалност, се очекува да дојдете порано, со цел да нема долги редици“, објаснува стручњанот за Северна Кореја, Фјодор Тертицки од Сеул.

Кога гласачот ќе дојде на ред, на изборното место добива ливче со само еден кандидат на него. Гласачот не мора ништо да заокружи. Го зема ливчето како што го добил, го става во гласачката кутија која се наоѓа пред сите, и тоа е тоа. Постои и кабина за оние кои сакаат да гласаат во приватност, но тоа веднаш би привлекло сомнежи за таквиот гласач.

Имено, барем теоретски, гласачите можат да го пречкртаат името на единствениот кандидат кој им е понуден. Но, тоа речиси сигурно ќе привлече внимание на тајната полиција која би започнала прогон на таквиот гласач, а тој на крајот веројатно би бил прогласен за непресметлив, вели Тертицки.

По гласањето, луѓето мораат да слават на улиците

Откако ќе го завршат гласањето, жителите на Северна Кореја мораат да им се приклучат на групите на своите сонародници кои пред изборните места гласно изразуваат задоволство и се веселат што добиле прилика да гласаат за мудрото државно водство.

„Во државните медиуми изборните денови се претставуваат како славенички настани, со луѓе пред секое изборно место како слават“, објаснува аналитичарот Минјонг Ли од специјалистичкиот портал за Северна Кореја, „НК Њуз“.

Бидејќи гласањето е задолжително, тоа има уште една, можеби и поважна функција за режимот – тоа му служи како своевиден цензус со помош на кој ги следат жителите и полесно ги откриваат оние кои побегнале во Кина.

А каква моќ има овој псевдопарламент за кој жителите на Северна Кореја гласаат на псевдоизборите? На кратко, никакви. Неговата функција е да ги потврдува одлуките на Ким и неговата Работничка партија на Северна Кореја.

„Знам дека меѓународните медиуми често ги ублажуваат своите известувања, тврдејќи дека собранието има „мала“ моќ и влијание, но тоа не е точно. Собранието има нула моќ и влијание“, истакнува Тертицки.

Во теорија, парламентот може да го смени Ким, но во пракса тој речиси и нема седници

Сепак, собранието формално има многу поголема моќ. Со двотретинско мнозинство, застапниците во теорија би можеле да го сменат уставот, а со просто надполовично мнозинство би можеле да го сменат самиот Ким. Но, во пракса тоа е, секако, невозможно.

Всушност, самото собрание се среќава многу ретко. На првиот состанок се избира многу помалo тело кое работи наместо него, а целосното собрание се состанува само во ретки прилики.

Интересно е дека во овој „парламент“ сепак постојат три различни фракции. Работничката партија е најголема, но во Северна Кореја постојат уште две партии, Социјалдемократската партија и Чонду партијата. Сепак, во пракса нема разлика меѓу овие три партии и сите заедно учествуваат во владеачката коалиција Демократски фронт за повторно обединување на Кореја. Секако, името на коалицијата се реферира на долгогодишната јавно прокламирана цел на династијата Ким – обединување на Корејскиот полуостров под нивна власт.

И додека резултатите од „изборите“ нема да бидат познати уште некој ден, интересно е дека на минатите „избори“ во 2014 година излезеноста беше импресивни 99.97 проценти. Поради тоа во Северна Кореја постои шега дека на денот на изборите сите се здрави и никој не умира, пишува „Би-би-си“.