Моравјецки формира новa парламентарна група во борбата за превласт во Право и правда
Поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки денеска објави дека формирал нова парламентарна група по поделбата во главната конзервативна опозициска партија во земјата, Право и правда (ПиС), јавува ДПА.
Групата, наречена Развој Плус, вклучува 40 парламентарци и еден сенатор, изјави Моравјецки пред новинарите во Варшава.
„Сакаме да работиме за развојот на Полска и нејзиниот конзервативен идентитет“, рече тој.
Десничарската популистичка ПиС, која управуваше со Полска од 2015 до 2023 година, спроведе сеопфатни судски реформи што ја доведоа во конфликт со Европската комисија околу владеењето на правото, потсетува германската агенција.
Партијата ги загуби парламентарните избори во 2023 година и оттогаш е најголемата опозициска сила во земјата.
Пред отцепувањето, ПиС имаше 181 место во Сејмот, Долниот дом на парламентот, и 33 места во Сенатот.
Соопштението за поделба на партијата доаѓа по борбата за превласт меѓу основачот на ПиС, Јарослав Качински (77) и Моравјецки (58).
Моравјецки се спротивстави на она што го сметаше за понагласеното свртување во десно на Качински и, заедно со членовите на економски пофокусираното, умерено крило на партијата, и во април го основа здружението „Развој плус“ во рамките на ПиС.
Качински побара здружението да се распушти и им нареди на неговите членови да потпишат изјави за лојалност,што Моравјецки го одби, наведуваат полските медиуми.
Се очекуваше комитетот на ПиС вчера да одлучи дали да ги исклучи Моравјецки и неговите поддржувачи од партијата. Наместо тоа, го упати прашањето до дисциплинскиот комесар на партијата, одложувајќи ја одлуката.
Моравјецки рече дека нема да учествува во она што го опиша како внатрепартиски „игри“. Наместо тоа, тој ќе се фокусира на предизвикување на центристичката влада на премиерот Доналд Туск.
„Тие можат да прават што сакаат“, рече тој за своите поранешни колеги. „Ние продолжуваме напред“.
Моравјецки додаде дека ќе ја претстави политичката програма на новата група во наредните денови, пренеусва ДПА.