Вето за името не е исто како ветото за јазиците


Претседателот Ѓорге Иванов се огласи вчера со ново барање до премиерот  Зоран Заев, при што го повтори и својот став дека не прифаќа решение за името за севкупна употреба. Иванов бара да му биде доставен предлогот за водење преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во преговорите.

„Во недостиг на клучни документи, а со цел обезбедување поширок консензус за прашањето за името, претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, го охрабрува претседателот на Владата, Зоран Заев, да ги достави предлогот за водење на преговори со уставна основа, нацртот на договорот, како и ставовите на делегацијата во водењето на преговорите“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Премиерот вчера му одговори на Иванов од собраниската говорница, посочувајќи дека на претседателот од претходно му се доставени сите документи. Заев рече дека целиот процес го води транспарентно и дека јавноста и политичките фактори се редовно информирани за текот на преговорите.

Претседателот Иванов, додаваат од кабинетот, укажува на потребата од постигнување национален консензус за надминување на разликата околу името и изнаоѓање решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните.

„Ставот на претседателот Иванов дека не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес е основен непроменлив принцип, што е во согласност со утврдената правна рамка за водење на разговорите за разликата околу името во рамките на Обединетите нации и во никој случај не е насочен против интеграцијата на Македонија во Европската Унија и во НАТО“, се вели во соопштението.

Дописите до Владата што шефот на државата ги испраќа секојдневно откако почна да се наѕира решението на долгогодишниот спор наметнуваат сомневања во политички кругови дека тој би можел и во овој случај да посегне по „апсолутно вето“, како што направи со Законот за јазици, иако таков инструмент не предвидува македонскиот Устав. Споредбите со Законот за јазици, кој беше донесен врз основа на политички договор за коалицирање меѓу СДСМ и ДУИ, не се најсоодветни кога станува збор за меѓународен договор за решавање на долгогодишен спор, во чие надминување асистира и меѓународната заедница.

Сепак, Иванов во овој момент не може да ја спречи Владата да потпише договор со Грција. Според Законот за склучување меѓународни договори од 1998 година, шефот на државата не може да биде заобиколен само ако станува збор за договори кои предвидуваат менување на границите на државата или стапување во сојуз со други држави. Најавениот договор со Грција не е од таков карактер и според толкувањата, нема да претставува проблем тој да биде потпишан од владите на двете држави.

Проблем може да настане откако договорот ќе се пресели на ратификација во парламентот, но не поради потребното мнозинство гласови, туку затоа што по неговата ратификација Иванов би можел да стави вето. Во таков случај, Законот за ратификација на договорот треба да се врати на дневен ред во Собранието во рок од 30 дена и ако повторно биде донесен со апсолутно мнозинство, шефот на државата ќе биде обврзан да го потпише. Но, Иванов веќе еднаш го направи преседанот со повтореното вето за Законот за јазици, што ги подгрева сега сомневањата дека би можел да го повтори „делото“.

Претседателот на НСДП, Тито Петковски, кој беше на чело на парламентот во времето кога е донесен Законот за склучување меѓународни договори, кој не е менуван оттогаш, смета дека најавата за референдум му дава дополнителна тежина на најавениот договор за името, така што очекува дека Иванов овој пат нема да ја повтори грешката од пред неколку месеци, за што, како што оценува, треба да сноси кривична одговорност.

„Иванов нема механизми да ја спречи Владата да потпише договор со Грција. Но, ако реши, тој може да не го потпише Законот за ратификација на тој договор. Сепак, не верувам дека во овој случај тој ќе се осмели да постапи исто како со Законот за јазици. Се надевам дека Иванов ќе има чувство за најавениот референдум за името и дека нема да оди против граѓаните, туку ќе остави тие да го кажат последниот збор“, вели Петковски.

Тој посочува дека македонскиот Устав предвидува само суспензивно, а не и апсолутно вето, така што, како што вели, Иванов прави кривично дело со тоа што не ја исполнува својата обврска да потпише закон кој два пати бил донесен во парламентот.

„Независно од тоа што како претседател на државата има имунитет, на Иванов требаше да му биде поднесена кривична пријава уште кога не го испочитува рокот во кој требаше да го потпише Законот за јазици по неговото повторно изгласување. Потоа законот требаше да биде објавен во ‘Службен весник’. За прекршување на Уставот, Иванов може да одговара и по завршувањето на мандатот, ама тогаш нема да биде ист ефектот“, вели Петковски.


Во 1998 година имало судир за Законот за меѓународни договори

Интересен е податокот дека Законот за склучување меѓународни договори, кој датира од пред дваесет години, е донесен во атмосфера на тивок судир меѓу тогашниот  претседател на државата Киро Глигоров и Владата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, иако носителите на власта тогаш не беа во кохабитација. Глигоров, како што раскажуваат политичари од тоа време, го доживеал законот како обид за намалување на претседателските надлежности, и покрај изразената улога на шефот на државата во доменот на надворешната и меѓународната политика. Поради тоа, Глигоров најавил и вето на законот, што, сепак, го потпишал откако биле ублажени дел од неговите одредби.

Тој закон сега практично ѝ остава простор на актуелната Влада да потпише договор со Грција и да го заобиколи Иванов, по примерот како што го потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија, на кој шефот на државата, сепак, стави потпис по неговата ратификација во македонскиот парламент. Проценките се дека Иванов евентуално би можел да го блокира договорот за влез на Македонија во НАТО под името што сега би го договориле македонската и грчката влада. Но, прашање е дали додека да завршат сите етапи од имплементацијата на договорот со Грција, вклучително со референдумот и уставните измени, Иванов сѐ уште ќе биде на функцијата, со оглед на тоа што мандатот му завршува во мај следната година. Александра М. Митевска