Вангеловски: Повисоко од Врховен е само Господ


Правното мислење на Врховниот суд веројатно ја закопа последната надеж дека Специјалното јавно обвинителство ќе докаже дека недопирливите политички фигури од минатата власт ќе одговараат за криминалите за кои беа обвинети и дека конечно ќе биде испратена пораката дека секој криминал со парите на граѓаните и играњето се човечките животи ќе биде казнето. Речиси сите правни авторитети во Македонија што се на врвот на правосудните институции, како и министерката за правда Рената Треневска-Дескоска, се согласија дека највисокиот суд постапувал надвор од своите овластувања, но никој не знае дали има институција која може да го оспори правното мислење што ги доведе во прашање истрагите и обвиненијата што ги покрена СЈО по 30 јуни 2017 година.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски за „Независен весник“ вели дека во правосудниот систем нема повисока институција што може да го оспори нивното правно мислење. „Само Господ е повисоко од Врховниот суд“, нескромно вели Вангеловски.

Врховната судијка во пензија Милка Ристова оценува дека оваа одлука единствено може да се анулира само ако се поведе постапка низ системот за одговорност на судиите, односно ако се поведе постапка дека судиите на Врховниот суд излегле од рамките на овластувањата кога донеле такво мислење. Сепак, Вангеловски вели дека не може да се бара одговорност за судија поради неговото судиско убедување.

Монструозни игри со петкратното убиство

Правните надмудрувања не стивнуваат, но она што е извесно е дека околу дваесетина истраги на Специјалното јавно обвинителство може да пропаднат. Во спорните предмети е и предметот „Империја“, кој требаше да го расчисти криминалот за кој се товарат поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев. Нивната одбрана најави дека ќе побара укинување на куќниот притвор токму поради ставот на Врховен.

Но, освен предметите во кои беа осомничени високи функционери, меѓу кои и лидерот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најболно е тоа што може да пропадне и случајот „Монструм“, кој е преземен од редовното јавно обвинителство по истекот на рокот. Од Врховниот суд велат дека не можат конкретно да кажат за овој случај дали надлежноста му припаѓа на СЈО или на редовното јавно обвинителство. Вангеловски вели дека одлука за треба да донесе Кривичниот суд каде што се суди овој предмет, а потоа кога предметот ќе стигне пред Врховен суд за него ќе решава петчлениот совет на највисокиот суд. Родителите на убиените матуранти и роднините на рибарот шест години чекаат вистината да биде обелоденета со новите докази и „бомбите“ на СЈО, но и ова сега е доведено во прашање. Осудените за убиството се на слобода, откако токму Врховниот суд го врати предметот на повторно судење и донесе одлука обвинетите да излезат од притвор.

Не се знае дали ќе биде расветлен и неуспешниот попис за кој се осомничени Али Ахмети и Никола Груевски, патните трошоци на поранешната пратеничка Силвана Бонева, здравствената опрема на сегашниот вицепремиер, Бујар Османи и истрагата против поранешниот вицепремиерот Зоран Ставрески, кој беше еден од ретките функционери од ВМРО-ДПМНЕ против кого не покренато обвинение.

Во Кривичниот суд, каде што се судат сите предмети на СЈО, немаат став. Претседателот Иван Џолев вели дека судиите од овој суд на колегиум ќе расправаат за начелното правно мислење на Врховен и ќе оформат став.

Правното мислење на Врховен е обврзувачко само за советите на Врховниот суд, нема сила на закон, пониските судови не мора да го применат, но по сила на авторитетот вообичаено пониските судови го почитуваат.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески се сретнаа и испратија порака до јавноста дека ништо не е готово и дека истрагите на СЈО нема да пропаднат. Јовески и Јанева се согласиле дека постапувањето по овие предмети ќе продолжи согласно позитивните законски прописи. Но останува отворено прашањето дали ова обвинителство ќе може да ги користи „бомбите“ како докази, со оглед на тоа дека според мислењето на Врховен предметите што се отворени надвор од рокот треба да ги преземе редовното обвинителство, но „бомбите“ може да ги користи само како индиции и да обезбеди други материјални докази.

Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, каде што најверојатно ќе завршат дел од предметите, вели дека според постојниот закон што сè уште важи за Специјалното јавно обвинителство, предметите треба да ги предаде СЈО. Ако не ни ги предадат, ние не можеме да ги побараме и да ги преземеме, вели Русковска. Сепак, Русковска нагласува дека нема причина редовното обвинителство да не ги користи прислушуваните разговори како докази.
„Доколку се сеќавате, кога тие снимки беа предложени како доказ од страна на СЈО, првостепениот суд ги одби, не ги прифати, но по одлука на Апелацискиот суд тие станаа докази во предметите. Нема зошто таа одлука да не важи, не е битно кој постапува по предметот и кое обвинителство. Сите сме обвинители и одлука на суд е одлука на суд. Ова е мое мислење, а доколку ни бидат предадени и почнеме да постапуваме, ќе видиме што ќе се случи“.

Мислењето на Врховен е сериозен преседан

Поранешната судијка на Врховниот суд, Милка Ристова, вели дека според последните измени на Законот за судови донесени во мај 2018 година, адвокатите може да поднесуваат вакви иницијативи, но според неа вакви правни мислења се носат кога има различна судска пракса, односно различни судови носат различни одлуки за еден ист член.

„Таа надлежност Врховниот суд ја практикува тогаш кога во практичната примена на одредена одредба од кој било закон во судската пракса се појавуваат случаи на различна примена на истата одредба. Во случајот тоа недостасува. Ние немаме различна правна судска пракса во одлуките на судовите за тоа дали СЈО може да покренува обвиненија по истекот на рокот“, вели Ристова.

Таа вели дека нејзиното искуство покажува дека порано за да се донесе такво мислење се дискутирало и се размислувало долго, а сега ваквите мислење се носат со многу малку дискусија. Според неа, највисокиот суд требало да причека случаите на стигнат до највисокиот суд.

„Сега за секоја одредба од одреден закон, бранителите на обвинетите ќе поднесат ваква иницијатива до Врховен суд и, ако успеат, ќе нема потреба од судење. Бранителите имаат интерес и должност да го штитат интересот на обвинетиот, а не на правдата“, додава Ристова.

И за Јовески одлуката на Врховен е антиреформска и нема врска со владеење на правото. Тој ели дека Врховниот суд не смее да постапува по иницијативи на граѓани и да толкува закони или членови на закони. Тоа е работа на Собранието на Македонија.

Министерката за правда Рената Треневска-Дескоска порачува дека ниту еден криминал не смее да остане неказнет и не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорноста. „Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење, без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став, кој ќе го продолжи гонењето“, рече Дескоска.

Сведоци сме, посочи Дескоска, дека од самото формирање на Специјалното јавно обвинителство постојано имаше обиди за опструкција на неговата работа. Правните експерти толкуваат дека рокот на СЈО го договорија лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и дека силна институција не и одговара на ниту една власт.