Буџетот за 2018 година може да биде донесен уште во петок


Пленарната седница на парламентот за буџетот за 2018 година почнува во петок. За тогаш спикерот Талат Џафери закажа нова седница, на чиј дневен ред се уште неколку други предлог – закони.
Иако расправата за буџетот, во финалната фаза, треба да заврши во рок од пет дена, проценките се дека таа овој пат може да трае и помалку од еден ден, поради отсуството на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Во обезбедување на кворумот од 61 пратеник за почнување на седницата се очекува да „асистираат“ пратеници од Беса, со оглед на тоа што биле прифатени дел од нивните амандмани на буџетот.
Владата, на вчерашната седница, го донесе дополнетиот предлог-буџет за следната година и го испрати во парламентот.

Во дополнетиот Предлог-буџет се вградени шест амандмани поднесени од пратениците и прифатени во амандманската расправа. Обезбедени се дополнителни средства за гасификацијата, Фондот за здравствено осигурување, за детските градини,основните и средни училишта и културните установи, Инспектоартот за животна средина.
Со дополнителниот предлог-буџет сумата на расходите останува непроменета на 3,43 милијарди евра.