Бронхиолитот може сериозно да го загрози животот на бебињата


Бронхиолит е воспаление на малите дишни патишта (бронхиолите) и се јавува кај доенчиња со старост од два месеца до две годишни деца. Воспалението е често кај малите деца, особено во зима, и може да заврши сериозно доколку навреме не се побара лекарска помош. Д-р Татјана Јаќовска од Одделот за доенчиња при Клиниката за детски болести – Скопје, објаснува кои се симптомите што треба да го вклучат алармот кај родителите и што треба да се превземе.

Д-р Јаќовска, зборувате за бронхиолит, а ние некако сме навикнати да слушаме за бронхити. По што се разликуваат едното од другото?

Бронхит е воспаление на бронхите, поголемите дишни патишта, се лекува во домашни услови и поминува во лесна форма. Бронхиолит е воспаление на бронхеолите, најситните гранчиња. Бронхиолит е сериозна белодробна болест, се јавува во потешка форма и во 90 отсто од случаите, малите пациенти завршуваат во болница.

Колку е често ова воспаление?

Бронхиолити се чести кај бебиња и мали деца, особено во зимскиот период кога има епидемија на респираторен синцицијален вирус.

Има вирусна етиологија (50 отсто респираторен синцицијален, 25 отсто параинфлуенца, аденовируси, инфлуенца А и Б, риновируси). Ризик фактори се машки пол, пасивно пушење, исхрана со адаптирана млечна формула, предвремено раѓање на бебето, атопија (алергија), многу членост на семејството, ниско едукативно ниво на мајката.

Кои се симптомите по кои родителот може да препознае дека станува збор за бронхиолит?

– Симптомите се видливи. Детето тешко дише, вознемирено е, може да има температура, плаче, кашла, му „свират“ градите. Може и дури да помодри и да почне да се гуши. Впрочем, болеста започнува со зголемена телесна температура, сува кашлица, малаксаност, по што следат знаци на белодробна болест (отежнато чујно дишење со ечкање- визинг, зголемена респираторна фреквенција – забрзано дишење), ширење на носниците, вовлекување на меѓуребрените простори, ангажирање на дополнителната дишна мускулатура). Карактеристика на болеста е зголемена респираторна фрекфенција, влажно белодробие и брза прогресија кон срцева слабост.

Колку време можат да траат симптомите пред да се јават на лекар?

Времетраењето е различно, може ден – два, но може и половина ден. Родителите веднаш треба да го однесат детето на лекар и тоа прво кај матичен лекар, за тој да направи проценка дали станува збор за бронхит или за бронхиолит. Дијагнозата се поставува врз основа на карактеристичната клиничка слика, типичната возраст на пациентот и сезонска појава на респираторно синцицијален вирусна епидемија. Најчестите лабораториски иследувања кои се прават се изолација на вирус од назален секрет, серологија на респираторни вируси (пневмослајд). Ако е посериозна состојбата, детето треба веднаш да се хоспитализира.

Како на Клиниката за детски болести ги третирате децата со бронхиолит?

Задолжителни во третманот се кислородна терапија, инфузија и инхалации. Децата треба да примаат течности и лекови кои ги шират бронхиолите. Ако е многу тешка општата состојбата, ставаме и антибиотик, оти се можни и поголеми компликации, како пневмонија. Но, првенствена е кислородната, инфузионата и инхалаторната терапија. Кај доенчиња со висок ризик (кои имаат бронхопулмонална дисплазија, цистична фиброза, имунодефицит, конгенитална кардиопатија и слично) се даваат и антивирусни агенси Рибавирин. Истите може и да се имунизираат со Synagis (palivizumab) – вакцина од хуманизирани моноклонални ИГГ1-АТ со рДНА технологија.

Колку време трае лекувањето?

-Може да биде од седум до десет дена. Лекувањето обично е десетина дена, доколку детето навреме е однесено на лекар.

Што може да се направи за превенција од бронхиолит?

-Превенција е изолација на малото дете, да не се меша многу со други луѓе, особено во периодот на вирусите. Наскоро ќе почне и грипот. Подобро е доенчињата и малите деца да се држат подалеку од колективни простории. На родителите им препорачувам претпазливост, а ако забележат симптоми, веднаш да се јават на лекар.

С.С.З.