Се огласи Мицкоски за Михаилова: „Ина… Ива. Како се викаше?“

Премиерот оцени дека бугарските власти „покажувале мускули“ и рече дека се лажни тврдењата дека Ива Михаилова легално ја поминала границата


Премиерот Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска за прв пат се огласи за настанот кој е топ-тема во целата јавност – заминувањето на Ива Михаилова во Бугарија, ја обвини Бугарија дека покажува мускули и нагласи дека таткото и ќерката Михаилови кога-тогаш ќе одговараат. Но одговарајќи на новинарско прашање за време на презентацијата на новата инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во Битола, Мицкоски се колебаше околу нејзиното име, па на почетокот рече: „Ина… Ива. Како се викаше“.

Тој го потврди наводите на министерот за внтарешни работи дека Ива Михаилова нелегално заминала во Бугарија (или била пренесена) и категорично ги отфрли информациите дека таа и нејзиниот адвокат ја преминале границата преку официјален граничен премин.

„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, односно го пласираа во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека таму биле поздравени, дека им се салутирало и така натаму. Тоа претставува лага“, изјави Мицкоски.

Според премиерот, последниот евидентиран влез на адвокатот на Михаилова во Македонија бил на 28 септември, што било потврдено и од бугарската страна.

Тој ги критикуваше властите во Бугарија за начинот на кој се однесуваат во овој скандал.

„Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самото си ја прави на меѓународен план. Тоа е нивна одлука. Тие избрале ваква политика“, рече Мицкоски.

Тој изрази жалење и поради, како што рече, начинот на кој Михаилова се претставува во Бугарија, нагласувајќи дека најголем дел од животот и образованието ги поминала во Македонија.

Премиерот ги отфрли тврдењата за наводен договор и ја повика бугарската страна веднаш да ги врати Михаилова и нејзиниот татко.

„Ако е тоа така договорено, ние ги бараме назад и неа и нејзиниот родител. Уште денеска нека ги донесат и да видиме дали е така договорено или не“, изјави тој.

Мицкоски повеќепати повтори дека двајцата ќе мора да се соочат со македонските власти.

„Ве гледам во очи и ви кажувам: кога-тогаш. И татко ѝ и таа ќе одговараат. Кога-тогаш“, порача премиерот.

Одговарајќи на новинарско прашање за можноста Бугарија да ја екстрадира Михаилова, со оглед на уставната заштита на бугарските државјани, премиерот не даде конкретна процена дали екстрадицијата е правно изводлива. Наместо тоа, повтори дека македонските власти бараат нејзино враќање.

Мицкоски повторно ја нападна македонската опозиција која бара оставка од министерот Панче Точковски и рече дека таа и бугарското политичко раководство имале идентични позиции.

„Намерата е да се создаде политичка тема за која претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција, односно на ВМРО-ДПМНЕ, и на тој начин ќе обезбедат одредена корист за опозицијата“, рече Мицкоски.