Брисел подготвува казни за Лондон поради одолговлекувањето на Брегзит
Брисел размислува за неколку казни за Велика Британија како компензација за одолговлекувањето на Брегзит, објави лондонскиот весник „Дејли телеграф“.
Весникот посочува дека членките на ЕУ бараат правни и финансиски компензации, кои ќе се додадат на веќе планираните „исплати на трошоци за разводот“ во износ од 39 милијарди фунти.
Неименуван европски пратеник за „Дејли телеграф“ рекол дека членките на ЕУ сè понегативно го прифаќаат натамошното одложување на Брегзит, поради што, ако на Лондон му бидат дадени дополнителни недели за преговори, Унијата ќе побара финансиска компензација за својата добра волја. Изворот рекол дека официјален Лондон ќе треба да плаќа по 13,5 милијарди фунти за секоја година што ќе биде одложено истапувањето од ЕУ. Дури и ако стане збор за тримесечно доцнење, сумата ќе биде изразена во милијарди фунти.