Битолскиот училиштен превоз во ќор-сокак


Битола – Училишниот превоз во Битола ги однесе поранешниот градоначалник Владимир Талески и неговите соработници на обвинителна клупа, а сега ѝ создава главоболки и на актуелната локална власт. Општина Битола предвреме ги раскина договорите со превозничките фирми кои ги имаат општинските линии за превоз на патници и ученици и во моментот тече отказниот рок од три месеци. Во меѓувреме, Општината подготвува нов конкурс со нови критериуми за превозот во Битола. Ваквата разврска следува откако во октомври годинава Општина Битола предложи нови тарифи за превозниците, а според измените во Законот за превоз во патниот сообраќај цените за учениците се изедначуваат со оние за патниците и се десеткратно пониски од досегашните.

„Постојните договори за линиски превоз имаат член којшто овозможува која било страна, дали Општина Битола или самите превозници, во отказен рок од три месеци, предвремено да ги раскинат договорите. Работиме на подготовка на нов повик, кој ќе биде дефиниран со нови критериуми, а се одржуваат контакти и со превозниците. По сите анализи, ќе се одредат критериумите во интерес на многу поорганизиран и подобар превоз во Општина Битола“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

Бесплатниот превоз за учениците генерираше огромни долгови за училиштата, а нивните сметки со години се блокирани. Вкупниот долг на битолското образование изнесува четири милиони евра, а обврските кон транспортерите се околу 800 илјади евра. На една од прес-конференциите на СЈО за предметот „Транспортер“ обвинителката Фатиме Фетаи рече дека „превозот во Битола е поскап од оној во Токио“, а Петровска ги посочи огромните разлики во цените на билетите меѓу учениците и патниците за иста дестинација.

„Не може да има цена за превоз на ученици од 290 денари по ученик од село Братиндол кое е оддалечено од Битола десетина километри, а цената на билетот за патници да е 30 денари. Свесни сме дека во изминатиот период поединци, но и политички структури, дебело се нафатираа на грбот на учениците. Парите што завршуваа во нечии џебови треба да завршуваат во подобрување на условите во училиштата, санирање на дограмата, тоалети, набавка на нагледни средства“, вели градоначалничката на Битола.

Првично предложените цени од 22 до 55 денари за билет во еден правец, во зависност од оддалеченоста, беа повлечени по реакциите и протестите на превозниците, со образложение дека тие за нив се неприфатливи.

„Ако досега фактурата била 120 илјади денари месечно, со овие цени треба да слезе на 30 илјади денари. Овој тарифник за нас е неисплатлив. Има села каде што се само две деца, како на пример, Братиндол и за колку пари ние треба четири пати дневно да одиме дотаму? Немаме пари плати на возачите да им поделиме, нема за леб дома да однесеме“, објаснуваат од превозничките фирми.

Потоа следуваше период на преговори меѓу превозниците и општинарите, а неодамна некои од транспортните фирми сами предложија спогодбено раскинување на договорите со Општината кои имаат важност до 2020 година.

„До општината доставивме барања за спогодбено и предвреме да ги раскинеме договорите за школскиот превоз, од причина што сметаме дека тоа нè доведува до нерентабилно работење“, потврдуваат превозниците.

Несогласувањата на Општината и превозниците директно се одразуваат на учениците од соседните општини, кои останаа без организиран превоз, па родителите се принудени сами да се снаоѓаат, а други средношколци со месеци не доаѓаат на настава, тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Проблемот кој настана со превозот во Општина Битола откако Петровска е градоначалник сè уште е далеку од решение. Наместо да се решава, се продлабочува уште повеќе. Ние укажувавме дека учениците ќе останат без превоз, но нашите забелешки не се прифаќаа. Сега голем број ученици си плаќаат од сопствен џеб, а според наши информации дел од нив кои се од соседните општини се отпишуваат од училиште затоа што не можат да ги покриваат трошоците, други, пак, со месеци не доаѓаат на настава“, вели Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Советот на Општина Битола, со ребаланс на буџетот во ноември, издвои два милиони денари со кои ќе им бидат надоместени парите на учениците кои во изминатиот период на свој трошок патувале до училиште, но само ако ги зачувале фискалните сметки и билетите, а во училиштето да се заведени дека присуствувале на настава.

„На учениците им беше кажано да ги чуваат билетите, а и на директорите им беше соопштено дека билетите им се потребни на учениците за да докажат дека користеле јавен превоз за да дојдат до образовните институции“, велат од Општината.

Овие состојби го исфрлија на површина целиот хаос во линискиот и училишниот превоз во Битола во изминатиот период. Иако со превозниците биле склучувани договори за превоз на ученици, во истите автобуси патувале и граѓани. Некаде воопшто не постоел меѓуопштински превоз, но никој тоа не го контролирал, иако општинска комисија имала обврска да следи дали се почитуваат договорите со превозниците.

„Не постои меѓуопштински превоз меѓу Могила и Битола. Претходно, Општина Битола ги плаќаше превозните услуги за учениците, а во автобусите спротивно на тогашниот закон, се возеа и граѓани. Но, кога завршуваше учебната година, овие луѓе немаа како да стигнат до градот. Исто така, училишниот превоз се одвивал без склучени договори, за тоа има доказен материјал“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

СЈО од прислушуваните разговори го отвори предметот „Транспортер“ и поднесе обвиненија за поранешниот градоначалник Владимир Талески и уште 20 лица, негови соработници, директори на училишта и управители на превознички фирми, а судскиот процес е во тек. Дел од материјалите кои не произлегуваат од незаконското прислушување, Специјалното јавно обвинителство ги врати во Основното јавно обвинителство во Битола, од каде што потврдуваат дека водат предистражна постапка, поради што не соопштуваат повеќе детали.

Судските процеси и новите истраги најверојатно се одразија на одлуките на актуелната локална власт, по што училишниот превоз во Битола се најде во ќор-сокак. Засега е неизвесно какво решение ќе се изнајде кое ќе биде прифатливо и за Општината, која бара пазарни цени, но и за превозниците, кои инсистираат тарифите за нив да бидат економски исплатливи.

Емилија Мисирлиевски